Град Скопје врши реконструкцијаа на главните сообраќајници, се заменува дотраениот асфалт со нов, се поправаат тротоарите и реконструираат најголем дел од булеварите и улиците.

За да се добие во време и искористат одморите на граѓаните, заради намалената гужва во Градот, отворени се истовремено повеќе градежни пунктови.

Исто така, главните активности гребење на асфалтот и повторното асфалтирање, се врашат во ноќните часови, како дополнителна мерка за намалување на гужвата во градот.

Со засилено темпо се извршуваат градежните работи од проектот за реконструкцијата на булеварот Кочо Рацин, на потегот од булеварот Кузман Јосифовски Питу до улицата Свети Кирил и Методиј во должина од 880 метри.

Екипите на терен завчера во вечерните часови го отстрануваа стариот и оштетен коловоз на потегот од крстосницата со улицата 11 Октомври до крстосницата со улицата Свети Кирил и Методиј.

Градот Скопје продолжува да го применува истиот принцип на брза и квалитетна работа и реконструкциите на сите улици во текот на оваа градежна сезона ги завршува со рекордно кратки рокови со цел да го намали сообраќајниот метеж.

Додека траат градежните работи,на булеварот Кочо Рацин е воведен привремен режим на сообраќај.

Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да се придржуваат до времениот режим на сообраќај.Истовремено, ги замолуваме сите учесници во сообраќајот за трпение и разбирање поради можното отежнато одвивање на сообраќајот во овој дел на градот.

Се одвиваат и други градежни работи ,а од вчера се работи и на булеварот ,,Крсте Мисирков“ кај Бит Пазар.

Екипите на Градот Скопје ја започнаа реконструкцијата на коловозот на булеварот Крсте Петков Мисирков од крстосница кај Судска Палата до клучката Бит-пазар во Општина Чаир. Увид во градежните работи на оваа делница изврши градоначалникот Петре Шилегов.

– Градот Скопје започнува целосна и темелна реконструкцијана булеварот Крсте Петков Мисирков на потегот од раскрсница кај Судска Палата до клучката Бит-пазар, во должина од 1.350 метри во двете насоки. На одредени места со цел да се добие поквалитетна сообраќајница ќе се изврши и подобрување на подлогата со тампонски слој. Во наредните 30 денови ќе изработиме една квалитетна инфраструктура којашто е сериозно оштетена во овој дел на градот – изјави Шилегов.