ГОЛ ГАЗ

 

Сакам да ги прашам Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиески, за кого ќе гласаат на 11-ти декември?

Дали својата доверба да ја води државата и во наредните четири години, на предвремените парламентарни избори, пак ќе му ја дадат на Никола Груевски?

Како ќе се чувствуваат кога зад пултот ќе се соочат со името на  овој човек? Само ќе го заокружат – или ќе го исчкртаат, исплукаат, искинат и згазат под нозете?

Како ли се чувствуваат кога спознаваат  дека и тие биле таргет на двајцата братучеди Никола и Сашо, кои онанирале слушајќи ги како гугуткаат со најмилите, а патем, за нив,  ги одработувале  највалканите работи.

Но, кога ќе размислам, ама воопште не ми е гајле за кого ќе гласаат Гордана и Миле.  Мене всушност ме интересира дали и тие, како и нивните ментори и сите инволвирани во најголемиот сканадал во историјата на македонската држава, ќе одговараат и ќе завршат зад решетки.

А тоа, недвосмислено е најтесното раководство на ВМРО ДПМНЕ, кое на монструозен начин, злоупотребувајќи ја довербата што им ја даваа нивните поддржувачи, но, во голема мера и крадејќи  ги нашите гласови и изборните процеси, ,,победуваа” десетина изборни циклуси по ред и во Богданци, и во Скопје, и во Прилеп, и во Битола, и во Охрид…Добро, не и во Ранковце, Центар, Струмица и во Куманово.

Не верувам дека прес коференцијата на СЈО беше сосема случајно одржана два дена пред стартот на изборната кампања. И не треба да биде поинаку, затоа што е неприфатливо, многу сериозно и опасно   да и се остави простор на криминализираната врхушка на ВМРО ДПМНЕ на било кој начин , да остане на власт и да ја раководи државата.

Она што можевме да го слушнеме од обвинителките, сознанијата и доказите кои ги презентираа, се крајно вознемирувачки и најстрашни од сите досегашни Бомби, разговори и криминали за кои слушнавме изминатите две години.

Никола Груевски и Сашо Мијалков, двајца први братучеди, ја третирале Македонија како дуќанче, приватна и лична прчија. Навлегувале во телефоните на луѓето кога сакале и колку сакале. Ги слушале нашите приватни или службени разговори заради личен ќеиф, контрола на нашите животи, уцени, рекетирања, понижувања и на крајот ако сакате и мајтапење.

Може да замислите колку уживале кога ги слушале кавгите, оговарањата, швалерисувањата, офкањата на некои, или со каков ,,капитал,, располагале кога слушале за криминални зделки или разни злоупотреби.

Повеќе од јасни стануваат сега однесувањата на некои –комити или верни до гроб политичари. Свртувањето од лево во десно на некои новинари или покорноста и подготвеноста на некои бизнисмени да ,,помогнат”  секогаш и во секоја прилика.

Јасно станува како ,,најпатриотската” партија стана најбогата во Европа. Како е изградено и опремено  нивното ново седиште. Повеќе од јасно станува зошто новинарите и новинарството се уништени, понижени и разнебитени.

Иако го знам одговорот, па сепак, дали Никола Груевски барем малку чувствува срам?

Со кој образ ќе зборува сега во изборната кампања?

Гласот ќе му трепери, ќе се закашлува, ќе подголтнува, како што тоа му се случува на сите последни настапи пред неговото членство.

Може да се прави наудрен, може да вика, може да плука по другите, може да се фали дека направил се што ветил, може да ја пика главата во дупка како ној, но и тој знае-џабе му е.

Ја нема онаа сила, самодоверба, напуканост, самобендисаност. Едноставно, колку да се крие и преправа, разголен е.

И тоа на јавна сцена, со спуштени панталони и со прстот во уста.

 

Емилија Лазаревска