Гоце Делчевијадис Булгарикус

Пишува: проф.д-р Катерина Тодороска

Внимание.

 Не е препорачливо за двоножни сончогледи

 и нивните блиски по карактер.

           Семејните обврски побаруваа двата последни викенди да ги поминам во Пиринска Македонија, или ако повеќе милувате, во Источна Македонија.

            И како по обичај, и мнинатата сабота тргнавме рано наутро и како по обичај, во Благоевград застанавме да поткаснеме нешто за да го продолжиме патот до Елешница, Разлошка. Купивме некое тесто и ајран од фирмата Лактима Балкан. Тоа беше ајран како што сум го пробала многу пати и, бидејќи читам сенешто,  решив да прочитам што состав има ајранот во државата, членка на европејскија сајуз. Меѓу другите состојки, читам, меѓу другото „краве мляко, мляко на прах, вода, закваска (Lactobacilius Bulgaricus…)“. Во почетокот не верував дека некоја фирма би си дозволила дури и на смеа некоја бактерија, која се користи во цел свет за скиселување на млекото да ја  „побугарчи“. Ама, ете и тоа го видов, оти бактеријата била идентификувана во 1905 год. од бугарскиот доктор Стамен Глигоров.

            Минатава сабота иста релација, ист ритуал. Во Благоевград купивме некое тесто и ајран. Од друга фирма Вереја, ама во составот стои истата Lactobacilius Bulgaricus. И ете, туку во Бугарија се да ти било бугарско, дури и бактеријата, оти без неа бугарското млеко не се скуиселувало и не се произведувал ајран. И оти е откриена од бугарски доктор.

            И мислите ми се расплинија на многу страни. Прво решив да ги испочитувам нивните настроенија за се Б‘лгарско и членот на таа заедница да го именувам хомо Булгарикус. За да не ги загрозам добрососедските односи, со соодветен чин кон ново Јужномакедонецот и него ќе го испочитувам како хомо Елиникус.

            Седната мисла ми беше Гоце, оној Гоце кој е роден во Кукуш, град кој денес се наоѓа во Егејска Македонија или, ако повеќе милувате, во Јужна Македонија. Тоа е онаа територија која, со амин на Големите сили, со Букурешкиот договор од 10 август 1913 година ѝ била подарена на грчката држава. Подоцна, во едно време цивилизациско, било издадено и букварче за македонските деца да учат на својот јазик, ама набрзо хомо Елиникус се беше разбудил и осознал дека тоа е лош потег, па почнал процес на одродување на македонскиот народ на неговата нова територија. Секако, грчките Елини, со децении се „бореле“ со македонското население кое морало да биде избришно од неговите територии, а за таа намена и била направена целосна деноминација на македонските топоними. Дури било формирано Министерство за Северна Грција и Тракија, оти Македонија не смеела ни во сон да се спомне. А првиот човек на Министерството, Папатемелис,  со децении,  совесно си ја терал агендата за казнување на секој кој ќе проговори на македонски јазик или не дај Боже, ќе запее македонска песна. Сето тоа траело до втората половина на  80-тите години на 20. век , кога веќе било јасно дека на повидок е распад на југословенската федерација и можното создавање на независна македонска држава.

Тогаш се запалија првите црвени светла во грчката политика, а почетокот го означи преименувањето на спомнатото Министерство за Северна Грција и Тракија во Министерство за Македонија и Тракија, за подоцна од името да биде исфрлена Тракија. Тогаш, за прв пат во грчката современа историја, се појави желбата на Елините да станат Македонци.

            Кисело се насмеав дека хомо Елиникус се освестил дека доколку се буса во гради дека после неколку века ропство се ослободил од клетите Турци, може и Македонците, после создавањето на македонската држава и Македонците би се свестиле и би си ги барале основните општоприфатени човекови права за зборување на својот македонски јазик, за школување на својот македонски јазик и на крај, да бидат признати како Македонци. Бидејќи тоа беше најтешкиот кошмар на хомо Елиникус, тој побрза веднаш после осамостојувањето на македонската држава да прописка кај менторите му дека Македонците имаа аспирации кон неговата држава. Кутриот хомо Елиникус, не разбра дека Македонците се цивилизиран и чесен народ кој со децении го газеше и понижуваше, мафтајќи со знамето на Европа. Секако,  „плачките“ на Грците или Елините или Новојужномакедонците, вродија со плод оти нели грбот им беше јак. Така, знамето од Кутлеш почна да биде причина за „липање“ на хомо Елиникус , па така ние, малата македонска држава се „согласивме“ да го смениме штотуку избраното ново македонско знаме само да се смири европското галениче. Ама, како што обично бива, кога еднаш ќе му попуштите на галениче, тоа се осилува со уште барања. Во меѓувреме, хомо Елиникус стануваше сè поголем Македонец, правеше протести и докажуваше дека територијата за која само пред некоја година не смееше да се спомне, е негова прастара постојбина. Така, и оној „варваринот“ Филип Македонски, татко на „варваринот“ Александар Македонски, оние од кои Гркот Демостен и другите грчки „демократи“ се гнасеа и по кои „плукаа“ секакви гнасотии без задршка, одеднаш стана негов корен. И како што обично бива, миленичето продолжи да цимоли кај менторите кои сесрдно помогнаа малата македонска држава уценувана и понижувана,  да си го смени своето име. Под протисок, под закани, со ветување за нормален живот во семејството на Европа.

            Е, ај што ни го сменија името, ама од европскиот сон, уште долго нема да има ништо.

            Заради истиот тој Гоце, сега едно друго милениче на европејските ментори, почна да цимоли. Истата песна, истата причина ама миленичето се вика хомо Булгарикус.

Со истата приказна од почетокот  на 20. век , Големите сили на 10 август 1913 год. ѝ го аминувале пиринскиот дел од  македонската територија на бугарската држава. Лавината на преземени акции за одмакедончување на македонското население била страотна, ама хомо Булгарикус не се задржал само на тоа. Решил дека нема некоја своја светла историја и традиција, а историјата и традицијата на македонскиот народ е многу побогата и пореволуционерна, та решил да си ја присвои. И пак, со помош на менторите, се распламтеле желбите и потребите се сшто е македонско да се прикажува како бугарско. При тоа, никој од стратезите на хомо Булгарикус не помислил дека историските настани и личности имаат специфика која се нарекува општствен систем, или уште подобро, сакал да ги злоупотреби. За волја на вистината, во Втората светска војна Бугарите биле  дел од фашистичките сили, со исклучок на членовите на Комунистичката партија на Бугарија, кои после војната го признале постоењето на македонското население на бугарската територија. Тогаш биле отворени и училишта за македонските деца да учат на мајчин, македонски јазик за која цел од Македонија биле испратени и учители. Ама, зарем хомо Булгарикус би дозволил да учи македонска историја при немање на своја? Секако, не. Почнале притисоци, малтретирања и понижувања на секој кој би проговорил македонски збор. Не дај Боже да запеел македонска песна ота таква не постоела, туку биле дозволени само песмус Булгарикус . Фризирањето на историјата стана децениска определба на хомо Булгарикус и стратезите му. Истите спомнати комунисти почитувајќи ја вистината и историјата на македонскиот народ, дури и дозволија останките на Гоце Делчев да се пренесат во неговата родна Македонија. Таквите активности на комунистите кон Македонците и многу други цивилизациски придобвки, од хомо Булгарикус и стратезите му биле оценети како непријателски за бугарската држава. Затоа, Народното собрание на Република Бугарија на 26 април 2000 година го усвоило т.н. Закон за прогласување на комунистичкиот режим за злосторнички (Државен весник бр. 37 од 5 мај 2000 година. И така, хомо Булгарикус си плукна на комунистичките корени од и после Втората светска војна, та му останаа саде фашистичките.

Дополнителни крилја хомо Булгарикус доби кога, од политички причини, успеа да стане „европејски гражданин“.

Е, тогаш на ред дојде цмиздрењето за македонскиот јазик кој до тогаш не постоеше, ама одеднаш стана дијалект на бугарската ни лоза, општословенските просветители Кирил и Методиј станаа Б‘лгари, Наум и Климент кои биле гонети од бугарските власти до Плиска, станаа благонадежни Б‘лгари, Илинденското го „збогатија“ со Преображенското востание за кутрот хомо Булгарикус да се најде некаде во најзначајното востание на Балканот од османлиско време итн. итн.

            И пак доаѓаме до Гоцета. Ах, Гоце, Гоце. Што маки им зададе на „добрососедските“ односи на македонската и бугарската држава.

            До тука се е историја.

            Но, ова е денешнина. И тоа горчлива, непринципиелна, навредлива.

            Тоа што под притисок македонската држава го смени тогашното знаме од Кутлеш, тоа што под притисок македонската држава срамно го смени своето име не значи дека македонскиот народ и држава ќе престанат да постојат. Но, тоа што поради незнаење и политичко пазарење треба да си ја смениме и историјата, е тоа е веќе недозволиво. Добрососедски односи не се градат со попуштање на едната страна од договорите кои се потпишуваат. Добрососедски односи не се градат со постојано барање на изговори од едната страна за понижувачки отстапки од другата страна. И да. Не е доста, премногу е.

            Од хомо Елиникус разбравме како со лажни стратегии се брани децениско омаловажување, одродување и понижување на илјадници свои сограѓани кои не се чувствуваат Елини или Грци или Новојужномакедонци.

            Од хомо Булгарикус научивме дека една партија може да се прогласи за напријател на државата и да се избрише со Закон, а со тоа и сите нејзини дејанија да се прогласат за ништавни.

            Од Европа научивме дека ако сакаме да бидеме дел од едно демократско европско семејство НЕтреба сите заедно да го покажеме и докажеме тоа. Декларативностите веќе ги преминаа сите граници на пристојноста.

            И за крај.

            Со оглед на фактот што родното место на Гоце моментално се наоѓа во Јужна Македонија, можно е да му притекне на хомо Еленикус да побара да признаеме Гоце дека бил Елин или Грк или Новојужномакедонец.

            А со оглед што местото на гоцевата погибија е во Источна Македонија,  хомо Булгарикус   осознал дека Гоце е Б‘лгарин.

            Епа, ајде да не правиме кавги и да не расипуваме добрососедски односи, па во стилот на „дајте му на човекот“, да си го крстиме Гоце Делчевијадис Булгарикус, та човекот раат да си лежи во вечното му почивалиште во Св. Спас во Скопје.

            П.С.  Со оглед на различните „сознанијата“ што ги имам во однос на оние на мојата Е-имењачка Булгарикус, која бара да признам дека Гоце бил Б‘лгарин, а во однос на неодговорната и поразителна работа на македонскиот дел од Комисијата за образовни и историски прашања со Бугарија,  имам неколку предлози:

            1. Да се земе предвид времето, територијата и општествено-политичките односи во периодот во кој живееле и работете дејците на Балканот. Тоа би значело, настаните и личностите да се третираат за Македонци доколку се случиле  и потекнуваат од  македонска територија во периодот на владеење на Османската империја. Бугари се оние кои потекнуваат од територијата на Бугарија до распаѓањето на Османската империја.

            2. Да се искористи егзактната наука за ДНК проверка за одредување на спорното потекло на Гоце Делчев. Имено, од три референтни лаборатории да се направи испитување на останките на Гоце Делчев, кој се наоѓаат во Скопје, и доколку се докаже дека жолтата раса е предоминантна во неговата ДНК тогаш мораме да се извиниме и да признаеме дека Гоце е Бугарин. Во спротивно, доколку белата раса во неговата ДНК е предоминанта да се каже вистината на сите бугарски генерации кои со децении се лажат преку часовите по историја.

            3. Да се престане со мафтањето со уцените и ветото од страна на бугарската држава во однос на македонската држава за нејзино пристапување во европското семејство, оти семејство со силеџиство не се одржува. Нели Европо?