Градоначалникот Георгиевски ги смирувал жителите затоа што мислеле дека приведените се физички нападнати

По вчерашниот немил настан кога поголема група жители на Синѓелиќ излегоа да протестираат во полициски час затоа што полицијата приведе тројца нивни сожители поради прекршување на забраната за движење, градоначалникот на Гази Баба се огласи на социјалните мрежи.

Тој објаснува зошто отишол да ги смирува насобраните жители.

,,Почитувани граѓани, сакам да ја објаснам ситуација во Синѓелиќ за сите оние кои не ја разбраа до крај, или пак поради неинформираност не ја доловија вистината. Точно е дека вечерва(синоќа) во населеното место Синѓелиќ дојде до нарушување на полицискиот час од поголема група на граѓани. Јас како градоначалник самоиницијативно излегов на лице место откако дознав дека нешто се случува, што е и моја обврска, со една единствена цел, да ја смирам состојбата и да се врати сѐ во нормала, без никакви дополнителни инциденти. Особено сега кога земјава и целиот свет се соочуваме со справување со коронавирус.

За да не се шират дезинформации, ве известувам дека три лица од страна на полицијата се однесени на информативен разговор во ПС Гази Баба. Исто така не е точно дека лицата биле физички нападнати од страна на полицијата, поради што и се собрала групата.

Како градоначалник излегов сам меѓу револтираните граѓани за смирување на состојбата. Тоа е моја должност и обврска. Откако се објаснивме жителите се разотидоа во своите домови.

Затоа апелирам до сите да не се шират непроверени или половични информации, кои можат да влијаат во нарушување на јавниот ред и мир или да внесат паника или бес кај граѓаните“-напиша градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски.

Меѓу другите снимки објавени по порталите, беше обаја вена и оваа на која се гледа како градоначалникот ги смирува жителите и им ветува дека лично ќе ги донесе приведените ,,деца“.

Вчера, како што известија повеќе медиуми, се проетстираше во полициски час откако тројца жители на оваа населба биле приведени за непочитување на полицискиот час.

МВР сѐ уште нема официјална информација за целиот настан.