Градоначалникот ги злоупотреби штитениците од дом за стари лица во Неготино

Актуелниот градоначалник на Неготино Ванчо Апостолов , на (23.11) во рамки на кампањата на неговата партија ВМРО ДПМНЕ, заедно со кандидатката за пратеник од овој град за ИЕ 4 Павлинка Честојнова, ги злоупотребија старите лица сместени во Домот за стари лица ,,Жана” во овој град.

Имено, тој на својот ФБ профил објави фотографии од посетата на домот, меѓу кои и онаа од насловната, на која се гледа понижувањето на штитениците на домот, на чии вратови се закачени шалови со партиска иконографија на ВМРО ДПМНЕ . Старите и изнемоштени лица, меѓу кои и во инвалидска количка, се наредени во просторијата, а на средината градоначалникот и кандидатката за пратеник, со директорката и персоналот во домот, позираат.

Откако фотографијата предизвика внимание на социјалните мрежи, Апостолов ја отстранил од својот ФБ профил.

Ванчо Апостолов на неговиот ФБ профил напишал:

,,Продолжуваме со грижата за старите лица

Континуирано зголемување на пензиите, можности за користење бесплатно бањско лекување, организиран викенд за пензионерите, субвенционирање од страна на Владата на РМ за отворање на Домови за стари лица, се само дел од бенефитите кои ги користат лицата од третото доба-истакнаа градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов и кандидатката за пратеник од неготинска општина во Изборната единица 4 Павлинка Честојнова при денешната средба со старите лица. Средбата е остварена во рамките на одбележуавњето на „Неделата за грижа на старите лица“- грижа која според Апостолов и Честојнова нашите највозрасни сограѓани треба да ја имаат во текот на целата година”.