Градоначалникот на Гази Баба ги повика граѓаните да се вклучат во чистењето на општината

Општина Гази Баба веќе со години наназад има сериозен проблем со одржувањето на хигиената. Не се водела сметка за опременоста, одржување на зеленилото, како и урбаната опрема. Резултатот од таа негрижа ја прави денешната лоша слика за хигиената во општината, изјави градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски.

Тој ги повика граѓаните да се вклучат во процестот на чистење, средување и одржување на хигиената во општината:

,,Граѓаните ми ја дадоа поддршката за да направиме промени, да ги подобриме работите. Денес токму тие промени сакам да ги најавам.

Гази Баба ќе биде чиста и зелена општина. Вложуваме во подобра организираност на Јавното комунално претпријатие Гази Баба, со цел подобро да ги извршува своите задолженија.

Овој период обезбедена е нова опрема. Зголемен е бројот на сезонски работници, обезбеден е магазински простор, а се подготвува и нов објект за ЈКП со површина од 300 м2.

Проблемот со водоснабдувањето го решаваме. Обезбедуваме чиста и здрава вода за пиење. Во Раштак ќе биде продолжена изградбата на останатите 4 км водоводна мрежа во долната зона. Додека во Булачани ќе биде извршена целосна  замена на водоводната мрежата во должина од 1000 метри. Со тоа ќе допринесеме за комплетно решавање на водоснабдувањето во населеното место Булачани.

Чиста вода, како и водомери до секое домаќинство, за да се надминат проблемите од минатото за рестрикции, но и злоупотреба од нерационалното трошење на водата.

Дивите депонии започнавме да ги отстрануваме. Од следната недела ја започнуваме втората голема акција за чистење на дивите депонии заедно со градот Скопје. Опфатени се 8 локации на големи депонии, кои ќе бидат очистени.

Со опремата која ја набавуваме за Јавното комунално претпријатие Гази Баба, општината ќе може навремено да ги чисти и одржува сама каналите во општината како и да ги следи и чисти локациите каде се лоцирани депонии.

Општината заедно со ЈКП, Нула Отпад и Црвен Крст подготвува акција за отстранување и навремено собирање на секаков вид отпад директно од домовите на граѓаните.

Гази Баба ќе биде почиста и по зелена општина. Таа е наше катче, наше мало и сите ние треба да се грижиме и да го чуваме. Мораме сите заедно бидејќи само така можеме да успееме. Чисти канали, зелени паркови, игралишта, улици и јавни површини се она што заедно ќе го направиме и ќе бидеме горди за тоа. Тоа мора да го направиме за нашите деца“-рече Гергиевски.