Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, вчера беше дел од тимот нуркачи, кои спроведоа акција за чистење на дното на Охридско Езеро.

,,Дозволете да ја упатам мојата благодарност до организаторите и до сите учесници на денешната акција за чистење на Охридското Езеро и крајбрежје затоа што преку неа се потврдуваат стратешките определби на локалната власт за чист Охрид, кој не случајно заедно со езерото е под заштита на УНЕСКО, како светско културно богатство и природна реткост. Ваквите акции се чекор напред во напорите Управувањето со отпад во нашата земја да се прилагоди на барањата на Европската Унија, со цел да се воспостави систем на интегрално управување со отпад.
Се надевам дека ваквите активности со кои во голема мера придонесуваме во заштита на животната средина ќе бидат пракса и во иднина затоа што само така ќе обезбедиме поздрава иднина за сите нас“-напиша Георгиески.

Во Охрид се одржува Меѓународна конференција за управување со отпад.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини се обрати на свеченото отварање на 4та по ред Меѓународна Конференција за управување со отпад со наслов „Комуницираме за управување со отпад“, што се случи вчера вечер во црквата Света Софија во Охрид. Конференцијата е во организација на ‘Македонската асоцијација за управување со цврст отпад’ (MaSWA) и денес продолжува во Струга.

Целта на конференцијата е да покаже дека бизнис заедницата и државните органи, вклучувајки ги секако тука и невладиниот сектор и медиумите, се подготвени да комуницираат и соработуваат со една заедничка цел, а тоа е заштитата на животната средина.

На отварањето се обратија и претседателот на MaSWA Даниела Нелепа, евроамбасадорот Самуел Жбогар и претседателот на Меѓународната асоцијација за управување со цврст отпад Антонис Мавропулос.
Во пресрет на националната конференција министерот Нуредини учествуваше и во акцијата за чистење на Охрид и Охридското Езеро, која се организираше под покровителство на ‘ЕУ за ТЕБЕ’, а во присуство на евроамбасадорот Самуел Жбогар.