Градоначалникот на Прилеп волонтира на Инфективното одделение во локалната болница

Состојбата со коронавирусот во Прилеп во последните десетина дена е загрижувачка, дури и алармантна. Истото тоа го покажуваат и бројките. Во последните 7 денови, има 377 новозаболени граѓани, голем број хоспитализирани и, за жал, 15 починати. Градоначалникот Илија Јованоски, и самиот лекар по професија, од вчера волонтира на Инфективното одделение во Прилеп.

,,Како шеф на Општинскит кризен штаб, како градоначалник на општина Прилеп, како лекар, од денеска се ставам на располагање на потребите на Инфективното одделение. Вчера разговарав со директорот на болницата, со колегите од Инфективното одделение, при што им ја понудив мојата помош која со задоволство беше прифатена, што значи дека од денеска, сѐ додека за тоа има потреба, независно дали тоа ќе бидат 7 денови, 2 недели, месец, два месеца или повеќе ќе бидам присутен во ова одделение.

Јас знам дека и самиот припаѓам во ризичната група на граѓани на возраст од над 60 години, каде е поголема можноста да добијам инфекција или, не дај Боже, да заболам. Но, тоа е пресметан ризик. Како општествено одговорен граѓанин, како лекар кој ја има дадено Хипократовата заклетва, им се ставам на располагање на
моите колеги од секој аспект: технички, организационен, медицински.

Тоа ќе го правам, сѐ додека има потреба“, изјави градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.