Градоначалникот Петре Шилегов денеска ги презентираше најзначајните проекти на коишто ќе работи Градот Скопје во 2018 година, а се предвидени во Буџетот на градот за наредната година.

– За наредната 2018 година, вкупниот буџет на Град Скопје е проценет на 6,2 милијарди денари, односно е за 10% помал од буџетот за 2017 година. Ова се должи на фактот дека се скратени сите непродуктивни трошоци, а истиот се заснова врз реални приходи и расходи. Буџетските средства ќе се користат строго наменски, транспарентно, домаќински и одговорно, преку редовно известување за сработеното. Скопје со новиот буџет започнува да се трансформира, ќе бидете горди што ќе бидете дел од новата приказна. Продолжуваме со проекти што се за доброто на граѓаните. Истовремено ќе почнеме и со нови проекти – за животната средина, за подобрување на условите за велосипедистите и пешаците, регистер за кучињата, подобрување на хигиената во градот, јавниот превоз и многу други – рече денеска Шилегов.