Градоначалникот Јовановски им вети помош на земјоделците со уништен род од невремето

Невремето кое вчера зафати повеќе населени места од Прилепско, зад себе остави катастрофални последици. Огромни се штетите на земјоделските површини во атарот на селата Мало и Големо Коњари, Кадино Село, Галичани, населбата Варош и повеќе други населени места. Сепак, под налетот на стихијата, најтешки се последиците во Мало и Големо Коњари, каде што речиси 100 отсто се уништени земјоделските производи.

На површина од околу 600 хектари, речиси целосно се уништени насадите со тутун, пиперки, пченка и жито. Жителите од овој дел на Прилепското поле, велат дека во последните 25 години не паметат вакво невреме. Нагласуваат дека штетите на земјоделските производи се 100% и бараат во најбрзо што може, Комисијата за утврдување на настанатите штети да излезе на терен. Очекуваат помош од државата, во спротивно, како што велат, во прашање ќе биде доведена нивната егзистенција. Покрај тоа, поучени од искуствата во годините наназад, земјоделците се плашат дека повторно можат да бидат изиграни и да не ги добијат парите од проценетета штета.

„Во 2010 година, град ми го уништи родот на површина од 10 хектари посеани со пченица. Дојде комисија на терен, но ништо од тоа. И ден денеска ги чувам документите, никакво обештетување не добив. Сакам да кажам, да не остане и ова само на збор. Овој народ овде живее само од земјоделство. Не сме ние поединци,  имаме семејства, имаме деца кои студираат на факултет. Од ова живееме, од ова егзистираме. Ве замолуваме како градоначалник, сериозно да биде сфатена работата“, рече Тони Петкоски, еден од земјоделците од Мало Коњари, кои што претрпеа големи штети.

И во Големо Коњари, сликата е идентична. Жителите кажуваат дека невремето сè им “собрало“, а градот со големина на орев, освен што го уништил тутунот и останатите земјоделски култури, направил штета врз покривите на куќите, а настрадале и поголем број домашни птици, пајки и кокошки.

По увидот на терен и затечената катастрофална слика, градоначалникот Јованоски, рече дека штетите се огромни. Истакна дека Општина Прилеп и тој како градоначалник, на проблемот ќе му пристапат максимално сериозно и ќе направат се’ што е во нивна надлежност, земјоделците да ја добијат неопходната помош. На земјоделците тој им порача дека средствата ќе бидат правилно распределени.

„Ги разгледавме штетите во атарите на Мало и Големо Коњари и навистина ми е жал за тоа што го видовме. Штетите на земјоделските производи се огромни. Оштетени се повеќе од 600 хектари и оштетувањето е максимално, 100 процентно. Ќе направиме се’ што е во наша надлежност, да се добијат што поголеми средства за штетата. За таа цел, апелирам до сите вас, да поднесете барање до Општина Прилеп со кое покрај личната карта и трансакциската сметка, ќе доставите и имотен лист. Доколку го немате, со двајца сведоци потпишани на нотар, ќе дадете изјава дека е тоа ваша нива, за да може Комисијата да ја определи штетата, а сите нотарски трошоци ќе ги плати Општина Прилеп. Ве уверувам дека нема потреба никој да стравува дека ќе добие помалку од утврдената штета. Ќе побараме од водостопанство да ве ослободи од трошоците за наводнување. Ќе разговарам со министерот за земјоделство и ќе му укажам дека штетите се толку големи, што треба да биде прогласена елементарна непогода“, рече градоначалникот Јованоски на средбата со жителите од Мало и Големо Коњари.  

Заедно со градоначалникот Јованоски, во посета на погоденото подрачје беа и раководителот на подрачната единица за земјоделство, Зоран Пачешкоски и претседателот на Комисијата за проценка на штети од елементарни непогоди при Советот на Општина Прилеп,  Жарко Северкоски.

Пачешкоски рече дека Комисијата за утврдување штети е веќе излезена на терен и побара од земјоделците веќе од утре, во Општина Прилеп да доставуваат барања, имотен лист од нивите и копии од трансакциска сметка и лична карта.

„Комисијата во моментов е овде заедно со вас, но вие треба да имате доставено барање за да можеме да извршиме проценка. Ние бевме вчера овде, половина час после врнежите од град. Од утре, треба во Општина Прилеп да доставите трансакциска сметка, копија од лична карта и имотен лист. Како што кажа и градоначалникот, ќе го земеме предвид и тоа дека има ниви со нерешени имотно правни односи, се’ што може ќе направиме, за да бидете соодветно обештетени“, изјави Пачешкоски.  

Градоначалникот Јованоски се сретна и со тутунопроизводителите од населбата Варош, каде вчерашното невреме исто така им нанесе огромни штети на површините засадени со тутун.   

 

Инаку, ова е втор пат во овој месец, силно невреме да зафати дел од Прилепско поле. Според информациите од Комисијата за проценка на штети, формирана по првото невреме што се случи на 09.07.2018. до Општина Прилеп се доставени досега 105 барања за обештетување на земјоделците.