Градоначалничката Петровска му одговори на Дурловски дека не го дава киното ,,Манаки“ на скопјани

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, му одговори на Игор Дурловски, носител на листа на ИЕ 5 на ВМРО ДПМНЕ, кој побара киното ,,Манаки“ во Битола да се даде на управување на централната власт, а Офицерски Дом на приватници.

,,Се некако ми доаѓа да речам, сон ќе да е – поетично им звучело или не, баш ми е гајле. Да се бориш за гласови во Битола како кандидат за пратеник и да даваш предлози Киното Манаки да се даде на институции со седиште во Скопје, просто не е за верување. И притоа да убедувате, онака низ спотче, Битола е мојата љубов.

Вака да им кажам, јас не ставам во функција објекти во Битола за да поддржам централизација. Длабоко верувам дека децентрализацијата е основата за локален развој. Сами домаќини на своето. И да, има способни битолчани кои тоа ќе го менаџираат, доста беше жители од други општини домаќини во нашето. Патем, примете топли поздрави, сепак ќе бидете поканети на отворањата, за да со свои очи видите дека не било безидејно непродавањето на Офицерски. Можеби некој ќе не почести и со изведба на ,,Гранада“, која лично мојот чичко ја пееше со воениот оркестар на ЈНА токму во Офицерскиот Дом“-напиша Петровска на својот ФБ профил.

Претходно оперскиот пејач, Игор Дурловски, предложи Киното „Манаки“ да се додели на користење на фестивалот „Браќа Манаки“ , на националната Кинотека која во соработка со општината може да развива форми на презентација на културното наследство.

Дурловски исто така има идеја дека Офицерскиот дом може да се даде на користење на приватни субјекти во културата.

Ова се предлозите објавени на фејсбук профилот на Игор Дурловски , носител на пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во петтата изборна единица во врска со иднината на овие два објекти од културата.

Дурловски, пишува дека и како битолчанец и како уметник е заинтересиран што ќе се случува со овие зданија на културата, при тоа посочувајќи дека нивниот опстанок не подразбира дека е неопходно и да се основа нова локална установа која граѓаните ќе ја плаќаат од сопствениот џеб, туку треба да се следат современите трендови.

Офицерскиот дом, пред неколку години кога градоначалник беше кадар на ВМРО ДПМНЕ, беше објавен за продажба, а потоа одлуката беше отповикана откако протестираа битолчани.

Дурловски сега предлага:

„ Треба идеи, треба желба и очигледно треба да се оттргнат тесноградите партиски интереси. Офицерскиот дом во Битола е заштитен како културно наследство и несомнено, истиот треба да се стави во функција на културата. Треба да се следат современите трендови и ваквите објекти да се доделат на користење на приватни субјекти во културата“.

За Киното „Манаки“ пишува дека „може да му се додели на користење на Фестивалот на филмската камера ,,Брака Манаки“, на националната кинотека која во соработка со општината може да развива најразлични форми на презентација на нашето аудиовизуелно наследство…Многу можности, но кој да се сети? Наспроти тоа, го имаме на маса предлогот на општината во кој главен акцент е ставен на формирањето на нова јавна установа“.

Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ се одржува во Битола, но организација е на Друштвото на флмски работници чие седиште е во Скопје, а и Кинотеката на Македонија е со седиште во Скопје. Битолчани во изминатите години имаа организирано протести кога некои од организаторите се обидоа Фестивалот да го префрлат во Скопје, пишува порталот Апла.мк. 

Игор Дурловски преку спот почна да промовираа туризам во мааакедонија, во услови на светска епидемија.

АКО.мк