Град Скопје му благодари на Менковски

Градот Скопје му благодари на Благоја Менковски за пожртвуваната работа и за сите негови ангажмани и успеси во извршувањето на неговата хумана должност – заштита на граѓаните на Скопје и на нивните имоти од пожар – ова се вели во реакцијата на Град скопје по објавената информација дека Благоја Менковски е разрешен од командирската позиција.

Од кабинетот на градоначалникот Коце Трајановски нагласуваат дека Менковски ќе остане во Противпожарната бригада на Град Скопје на местото заменик-командир на ППБ, до неговото пензионирање и заедно со новиот командир ќе работи на заштита на граѓаните и нивните имоти од пожар, како и досега, и ќе ги пренесува стекнатите искуства на помладите колеги.

,,Во јавноста се пренесе информација како господинот Менковски да е избркан од Противпожарната бригада на Град Скопје, што не е точно”-објаснуваат од таму и додаваат дека Менковски има уште 1 година и неколку месеци до пензионирањето и со него е разговарано на оваа тема.

Град Скопје сака да ја информира јавноста дека новоназначениот командир на Противпожарната бригада на Град Скопје е Ѕвонко Томевски, вработен во противпожарната бригада од 1994 година, односно 22 години работи во ППБ. Томевски е магистер од областа на безбедноста и е еден од најдобрите пожарникари во противпожарната бригада.

Томевски на јавноста и стана познат во 2007 година, кога по неколкудневен престој во збратимениот град Нирнберг, Германија, доби сертификат од Градот Нирнберг за храброст и стана почесен член на нирнбершката противпожарна бригада, откако заедно со уште еден колега спречија експлозија во автолакерска работилница во Нирнберг- се вели во соопштението од град Скопје по повод смената на Благоја Менковски кој речиси 17 години беше командир на ППБ.