Граѓаните последни дознаваат каква Влада ќе им ја крои судбината

Граѓаните последни дознаваат каква Влада ќе ја предводи државата. Тоа не е исклучок, туку правило секогаш кога се преговара за формирање нова владејачко мнозинство. Во меѓувреме, наместо вистинска информација, јавноста е бомбардирана од секојдневни спинувања, информации од типот дознаваме и анонимен извор, манипулации, подметнување, лажни информации,  пробни балони…

Како што се наближува крајниот рок од дваесетте денови период за преговарање меѓу условно кажано, победниците на последните парламентарни избори, информациите фабрикувани од партиските бази добиваат неверојатни содржини, кои веројатно имаат цел подготовка на јавноста за постапките потоа.

Плусинфо излезе со бомбастична информација според која -,,Најверојатно во текот на утрешниот ден, на седница на претседателството на ДУИ, Али Ахмети ќе предложи партијата да стапи во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но премиер да биде поранешниот министер за надворешни работи Никола Поповски. Никола Груевски и никој од вмровските функционери под истрага нема да бидат дел од владата,,-пишува Плусинфо.

Според договорот, кој наводно бил постигнат, претседател на Собранието ќе биде Талат Џафери. ДУИ ќе ги добие и министерствата за одбрана, за правда и за животна средина.

Партиски извор за Плусинфо тврди дека во игра биле огромни пари и уцени. Но, работата не била завршена. Најголем проблем е гостиварскиот градоначалник Невзат Бејта, кој се противел на планот, а контролирал уште двајца пратеници.

Бујар Османи претходно , во интервју за Алсат М рече дека ДУИ ќе коалицира со ВМРО ДПМНЕ, но само доколку во идната влада нема осомничени од СЈО.

Зоран Заев пак и СДСМ секојдневно излегуваат со соопштение или изјави дека очекуваат по 29 јануари мандатот за состав на нова Влада да го добијат токму тие.

Заев исто така, има серија средби со амбасадорите во Македонија на кои им порачува дека:-,, Од исклучителна важност за земјата е да се почитува волјата на граѓаните кои одлучно се определија за промени и живот во Македонија. 612.000 граѓани со глас и пенкало поразија режим. Мнозинската волја на граѓаните мора да биде испочитувана до крај и од тие причини нашите очекувања се дека Никола Груевски до 29 јануари ќе го врати мандатот и дека ќе се формира нова и одговорна Влада согласно волјата на граѓаните. Новата Влада на граѓаните посветено ќе пристапи кон спроведување на реформските приоритети од извештаите на Прибе и Европската Комисија за да се отворат демократските процеси во земјата“-се вели вообичаено во соопштенијата што оваа пертија ги издава по средбите на Заев со амбасадорите.

Вчера по Хан и европарламентарците издадоа заедничко соопштение во кое велат дека ЕУ очекува брзо формирање Влада која ќе ги изразува интересите на сите политички опции во земјата, односно широка коалиција.

Во недела истекува уставниот рок во кој мандатарот Никола Груевски треба да состави Влада и парламентарно мнозинство. Ако не успее, останува нов период на неизвесност дали претседателот Иванов следниот мандат ќе му го даде на Зоран Заев чија партија освои најмногу пратенички мандати по ВМРО ДПМНЕ.

АКО.мк