ГРУЕВИЗМОТ ВО НАС

 

 

Дали јас сум нормална ако кажам дека сум згрозена од реакции во така наречениот опозициски или критички корпус на граѓани во оваа наша Македонија по Груевски? И пред да образложам зошто,  знам какви ќе бидат коментарите, некои од нив се разбира. Те не си нормална, и тебе ли те купија, колку ти платија, продадена душа, врати ја дипломата, а каде беше ти кога ги апсеа пред нивните деца? Кога вооружени специјалци до заби им упаѓаа ноќе на многумина обвинети по разни основи, кои за жал, ги забораваме бидејќи сме склони да забораваме. А и политичката мелница секојдневно ни сервира ново мени кое не меле без да забележиме.

Тука сум. И тогаш и сега . И сега јас би можела да прашам, а каде бевте вие кога ние како изолиран медиумски остров, потпирајќи се само на себе, своето знаење и професионализам, известувавме и критички опсервиравме се што правеше погрешно владата ДУИ-ВМРО ДПМНЕ. Оо, да! Нашите критики беа тврди, бескомпромисни. Како што беше се што правевме во изминатите години на постоење на еден медиум пред неговиот финансиерски процут. Ако сте заборавиле што правев(ме), тогаш сме склони да забораваме.

И во моето семејство често се расправаме на разни теми, затоа што имаме различни мислења за многу работи. Јас едно, сопругот друго, двете деца трето. Да, и јас имам деца.

Сите ние сме чувствителни кога се работи за нашите деца, но еве признавам јас направив еден голем грев, да почувствувам нешто за малолетните деца на Боркица и Никола Груевски. Гревот го направив свесно и сега ќе морам да живеам со него. И не само што немам намера да се покајам, туку во рамки на моите можности ќе се залагам дури и  децата на Груевски да не бидат изложени на дополнителен стрес од редовниот со кој живеат и ќе живеат во иднина заради постапките на својот родител.

Тоа значи, дека никогаш нема да поддржам апсење на Груевски на начин како што тоа го правеа тој, неговиот братучед Мијалков и специјалните полициски сили под негова команда во тоа време. И тоа не заради Груевски, туку заради неговите малолетни деца, затоа што ниту едно дете, а не затоа што се ,,свети” деца,   не треба да види како им било  на децата на неправедно апсените, шиканираните и осудуваните кои биле изложени на невиден стрес и тортура од одмоздољубиви и распашани криминогени политичари.

Ако на ова речете, како што велите, дека тие не мислеле на вашите  и на нашите  деца и дека требаше и тие да помислат на нив кога ги правеа сите зулуми, ќе речам да, во право сте. Но, затоа  не треба да бидеме како нив. Нели против тоа се бориме?

Спиралата на злото нема да се прекине , ако бидеме исти како нив. Одмаздољубивоста, ни ги замаглува погледите и кон иднината и на реалноста. Таа раѓа  омраза во низа и друга одмазда. Нешто слично како данокот во крв. За да престане убивањето заради претходно убиство, еден треба  да биде поразумен од другиот, или да  попушти. Како што е познато во крвната одмазда, која се уште постои во некои делови во Албанија, страдаат наследниците на тој што го извршил убиството. Иако тие ниту учествувале, ниту дале согласност за него.

Затоа, мене повеќе ме загрижи груевизмот, кој очигледно е длабоко и веќе опасно навлезен во нас, отколку песничките што некои млади луѓе му ги пееле на семејството Груевски. Иако, јас не би играла така.

Уште повеќе, што тој, Груевски, нема да извлече поука од тоа, како и многупати досега. А постапката и посебно реакциите после неа,  говорат дека груевизмот се вгенздил во многумина од тие кои се бореа против Груевски. И всушност, тој  пак ја постигна целта, како што гледате. Го испровоцира токму тоа што сакаше, а многумина се навлекоа на неговата јадица.

Да бил тој чувствителен, ќе ги заштитеше своите малолетни деца од вакви непријатности и изложување на јавноста и кога ги носеше на прошетка со жичницата на Водно и неодамна во Маврово. Немаше да вика фоторепортери и камери, туку ќе направеше се да ги заштити од очите на јавноста. Барем тука можеше да се угледа на Бранко Црвенковски кој своите деца, кога беа малолетни, никогаш не ги изложуваше на судот на јавноста.

Сега, пропагандната клика ликува во Белиот дворец затоа што демократите по убедување, либералните по ставови и однесување, прогресивните, борците за човекови права ги прават ,,салата” своите соборци, блиски по убедување, или барем по борбата против најкриминалната власт во историјата на македонската држава, само затоа што покажале емпатија кон децата на автократот против чија политика заедно се борат. Не кон Груевски, кон неговите деца.

И не знам што е пострашно, да побараш да се остават децата на страна или да не ти е гајле што децата не се оставаат на страна?

Нема да ги повторувам зборовите, постовите , навредите, дискредитациите, обидите за омаловажување и плукање кон оние што не се согласија со возбуденото мнозинство од перформансот кој преку песна му порачува на Никола дека му е местото во Шутка. Тоа секако нема да го стави таму каде што му е местото, туку силната волја да го промениме општеството од корен кои тие го направија неподносливо за живот.

Затоа, мора да бидеме различни од нив.

 

ЕМИЛИЈА ЛАЗАРЕВСКА