Груевски:Имаме заробена држава,судии кои се плашат, СЈО кое уценува-сите ќе одговараат

Во четвртиот дел од интервјуто претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, се осврнува на судските случаи кои се водат против него од страна на СЈО, за атмосферата која може да се почуствува во судството, за однесувањето на судиите, за економијата и предизвиците со кој државата се соочува, за случаите поврзани со 27 април и прогонот врз луѓето кои упаднаа во Собранието. Ви пренесуваме дел од тоа интервју:

Велите дека платени експерти прават притисок врз судството. За какви експерти станува збор?

ГРУЕВСКИ: Еден куп од оние експерти и аналитичари, професори, адвокати, преставници на НВО, кои ги гледате секоја вечер во дебатни емисии како ги бранат владините политики и им се закануваат на судиите, се платеници, на платен список или на СЈО, или на некоја НВО финасирана од надвор, или некоја друга државна институција, или пак припадници на партиите од марионетската власт кои глумат независни аналитичари или експерти. За хонорари или некоја идна функција се спремни се да кажат. Некои од нив се задоволни само што ќе се поканети на некој коктел, прослава или одбележување во друштво на моќни личности. Некои од нив јавно бранат позиции на СЈО и СДСМ, приватно говорат обратно, и кажуваат дека тоа го прават за хонорар, за пари. И немаат гајле. За дел од нив и јавно се знае дека се советници на СЈО, што значи земаат пари за тоа, а доаѓаат секој месец во некоја емисија и глумат независни експерти.

И така го имаме СЈО кое работи со целосна партиска агенда, и судии кои немаат атмосфера за носење фер судска одлука. Сега и ЈО ќе биде целосно под контрола. Имаме класична заробена држава, во која секој кој не се согласува со марионетската власт и нејзините поддржувачи, може да биде обвинет и осуден без вина, и потврдено и таму каде што би се жалел. Судиите јавно говорат едно, но кај своите блиски говорат друго, што не ја намалува нивната одговорност. Затоа се судии, да одлучуваат по закон и да не подлегнуваат на притисоци од каде и да доаѓаат. А не да подлегнуваат, па настрана да кажуваат дека се преплашени, дека се под закана и уцена и слично.

Еден ден, се ќе се ревидира. И за се ќе има одговорност, колку и оваа марионетска власт сега да им личи за силна.

Како знаете дека судиите во приватни кругови говорат така?

ГРУЕВСКИ: Знам затоа што тоа се прави и говори масовно. И тие се луѓе. Одлучуваат спротивно на нивната совест, и тоа ги тера да зборуваат барем на своите поблиски пријатели, соработници, роднини. Ние сме мала земја, се дознава брзо. А и не треба многу да се зборува. Доволно е да го прочитате Членот 12 од Законот за кривична постапка, каде јасно и недвосмислено пишува дека нелегално стекнати аудио и видео материјали не можат да бидат доказ во судска постапка ниту пак од нив да се изведуваат докази.

Но, нивното толкување и објаснување е дека снимките СЈО легално ги прибавила од ЈО или од СДСМ, по закон за СЈО… А тоа што СДСМ или тој кој им ги дал, ги прибавил нелегално, тоа нема врска. Значи обезбеди си на нелегален начин креирани материјали, дај ги на некој друг, тој друг нека легално ги остави во институциите и одеднаш нелегално стекнатите матерјали се легални. Тоа никаде го нема. Незаконски докази не може да бидат озаконети, ниту со некаков закон, а најмалку со писмо на СЈО.

Тоа не е ништо друго туку класичен мајмунлук и изигрување на законот. Мајтап со правните норми. Политичка, а не правна одлука. Ова се политички процеси, а не правни. Сите се свесни за тоа. Никаде во светот, ни во Америка, ни во Македонија, ни во Европа, нелегално стекнати креирани материјали не може да се доказ во судска постапка и тоа нема правник кој не го знае и не го признава, барем приватно. Јавно е друго. Јавното говорење зависи кој каков интерес има и каде политички припаѓа. Што не ги признае Америка документите што излегоа од Сноуден и Асанж и да започне постапки по нивните судови, а поврзани со тие материјали? Политичарите одбиваат да ги коментираат а камоли да помислат да ги стават во правен промет. И тоа пишани документи. А камоли аудио снимки или СМС пораки…

Тоа па со СМС пораките е посебна приказна. Ако на аудио материјалите може да ти сечат и лепат, на СМС пораките, при пренос од еден медиум на друг, во услови кога оргиналната опрема не постои за да се провери оргиналниот текст, во пораките можат да ти напишат што сакаат, само треба да остане ист бројот на карактери, на букви… Нема земја на светот чие судство и судии би го прифатиле тоа. Освен во заробена држава како Македонија, каде судиите функционираат под страв и закана, и сметаат дека тоа е доволно оправдување да носат незаконски одлуки.

Дали е само тоа проблем, каква е атмосферата која се чувствува во судството?

ГРУЕВСКИ: Не е проблем само прифаќањето на креираните материјали како докази, туку комплетната атмосфера во судството. Стравот кај судиите да не бидат сменети, разместени, медиумски линчувани и обвинети ако не одлучат онака како што или некој бара од нив, или дури и да небара, туку како што тие мислат дека очекува владетелот, кој и да е тој, Заев или некој кој тие го чуствуваат за владетел. Тој страв ги одредува нивните одлуки, а не законот и доказите. Тоа е грозна атмосфера, атмосфера во која судијата мора да стане „џелат“ за да си ја задржи кариерата, и смета дека тоа е исправно.

Се гледа дека СЈО и власта му ја диктира работата на судот, и судот во СЈО гледа како кон неприкосновен авторитет по чии барања и укажувања мора секогаш да постапи, за да не си навлече проблеми. Атмосферата во судот е таква, што некои од судиите кон СЈО гледаат како кон надреден орган и така се однесуваат.

Од првите постапки на некои од судиите во неколку случаи, станува јасно дека некои судии исплашени да не бидат политички, а преку тоа и правно обвинети, или медиумски деградирани, со намера се не само да ги осудат обвинетите без вина, за да го задоволат СЈО и владетелот, и да не бидат казнети или медиумски нападнати, туку и случаите да ги водат со брзина како никогаш досега, каков што речиси да нема друг пример, само за да покажат дека се кооперативни со власта и да си обезбедат мир и комодитет од можен налет на напади кон нив кои би резултирале со нивно казнување или деградирање.

Атмосфера во која судии и обвинители се канат по амбасади за да им се дадат насоки кои стануваат поважни од законот. Атмосфера во која судијата одлучува според преовладувачкото јавно мислење кое го диктира власта преку контрола на најголем дел од медиумите, атмосера во која судијата кога одлучува не ги гледа фактите и законите, туку што за неговата одлука ќе помисли некој моќен кој може да ја загрози кариерата на судијата. Тука нема правна држава. Тука има обвинети без вина, и однапред осудени. И затоа, еден ден, за се ова некој ќе одговара. Никој и ништо не е вечно, а најмалку оваа марионетска власт“-се заканува Груевски во мега интервјуто за Република.

Но, не мислите ли дека низ процесите на реформи овој проблем во судството може да се реши?

ГРУЕВСКИ: Како може да се реши со реформите проблем кога главниот јавен обвинител на СЈО има партиска членска книшка на СДСМ и евидентни и веќе објавени докази дека уплаќал партиска чланарина? Тое е нешто што реформите нема да го менуваат.

Како може реформите да сменат однесување на судија кој длабоко во себе верува и знае дека во ова лудо време кога власта ја има целата власт и моќ, кога и надворешниот фактор ја штити марионетската власт, и нема каде да се пожалат судиите и да бидат заштитени, мораат да судат како што се очекува од нив од власта, и дека во спротивно им се заканува смена и прогон.  Кога знаат дека едно се говори, дека секој судија треба да суди по свое убедување, а друго се случува, а тоа е дека сите кои не донеле одлука како што владетелот посакувал некоја НВО финасирана од некаде, ги дала на совет за факти да бидат разрешени, и сега чекајќи дали ќе бидат или не разрешени тие треба непристрасно да судат.  А оние кои сеуште не се дадени на советот за утврдување факти, гледаат што им се случува на колегите, и поуката е суди како што владетелот очекува и поскаува, а не како што истиот јавно збори и се залага. Јавното зборење е само за јавност и за политички поени. Некои од судиите го прават тоа што сметаат дека политички го посакува владетелот.

Сепак, времињата ќе се сменат, употребната вредност на оваа марионетска власт ќе помине.  Народот ќе си ја врати власта во свои раце. Неправдите ќе се исправат. Одговорноста за соучесништво нема да одбегне никого. Правдата ќе се задоволи и ќе ги стигне сите, а најмногу оние кои сега се во облаци и мислат дека се недопирливи и можат да ни прават што сакаат, без законот да е на нивна страна, и без било кога да имаат последици за тоа.

Вие имате повеќе обвиненија, се чуствувате ли виновен?

ГРУЕВСКИ: За што да се чуствувам виновен? За шамари кои не се удрени, за оправдан револт кај луѓето од верски побуди? За објект кој општинската власт го срушила затоа што бил дивоградба и тоа се докажало и на суд во сите инстанци? За патишта чија градба и услови вклучувајќи и договор и се, ги прифатил парламентот со специјален закон кој и опозицијата го гласала? За финасирање на партијата на начин ист како што законот тоа го регулира и како што се финасираат сите партии и за барање од СЈО на донатори кои го свртеле грбот на партијата од некои причини па сега не се сеќаваат дали донирале и за нешто што не било дел од мојот ангажман? За набавка на блиндирано возило на МВР со тендер, а имале законско право и без тендер да го набават ако сакале да прават некои малверзации? Не можам да се чуствувам виновен за нешто што не сум виновен. Тоа што сега се води политички прогон и хајка против мене и над сто луѓе од партијата, тоа што со контрола врз обвинителствата и судството преку малтретирања со одземања пасоши и носење незаконски одлуки сакаат политички да не оцрнат особено во пресрет на многу непопуларни политички чекори кои ги подготвуваат, за да ни ја одземат енергијата за политичка борба, отпор, доверба и одбрана на интересите на земјата и народот, сето тоа, значи само валкана политичка игра, а никако вина.

Да имав вина немаше борецот за човековите права на Македонците и тешко болниот Едмонд Темелко да го држат во притвор со директна порака до него дека ако потпише изјава против мене веднаш ќе го ослободат. Човекот е толку болен, што лесно може да се случи да почине, а тие го измачуваат во притвор. Тој е полуподвижен, свиткан, не може да се наведне да си ги соблече чорапите, но мора да лежи за сосила да го принудат да сведочи за нешто што не било.

Се фокусираа на тоа што на изборите 300-400 Македонци од Пустец гласале во Македонија, а немаат никаков проблем што на истите избори над 6 000 Албанци беа донесени од дијспората да гласаат во Кичево и Струга. Исто како сега, ќе рушат споменици на македонски дејци, ама Скендербег или Хасан Приштина нема да го чепнат. Ниту пак Неџат Аголи, или спомениците на другите албански историски ликови, против кои немам ама баш ништо, и напротив многу ги почитувам, но укажувам на фокусираноста против една партија и против историјата на еден народ. Тоа е класична политичка хајка.

На десетици лица им ветуваа ослободување од обвиненија само ако се нафатат да дадат исказ против мене за непостоечки дејствија. Без срам, без елементарна грижа на совест.

Истото им го прават и на лица учесници во инцидентите од 27 април. Исти понуди. Луѓе кои никогаш во животот не се сретнале или не разговарале со мене, згранати од она што го бараат од нив прераскажуваат како се обидуваат да им изнудат лажни признанија односно лажни изјави против мене. Ова го немало ни во комунизмот до толку, ни во 1949 година. Во сето ова учествуваат и обвинители, и политичари-вели Груевски.