Груевски без коментар за случајот ,,Рекет“, но во 2015 даде целосна поддршка за изборот на Катица Јанева(видео)

Актуелната амбасадорка на САД во Македонија , Кејт Брнз, која во 2016 беше претставничката на САД во Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена, тогаш во своето обраќање го повика ВМРО-ДПМНЕ и лидерите на партијата јавно да ја поддржат Специјалната обвинителка Катица Јанева во текот на сите фази од нејзината работа.

Брнз тогаш изјави:

,, Изјавите на една политичка партија, ВМРО-ДПМНЕ и нејзините лидери кои ја напаѓаат работата на Специјалната обвинителка се уште еден извор на загриженост. Ние ги повикуваме сите политички партии, кои едногласно се договорија за именувањето на г-ѓа Катица Јанева, јавно да ја поддржат работата на Специјалната обвинителка во текот на сите фази на нејзината работа“- изјави пред три години Брнз поздравувајќи ја тогаш оставката на Никола Груевски, како камен темелник на примената на владеење на правото.

Ова барање на Брнз следуваше по опструкциите на ВМРО ДПМНЕ во работата на СЈО , иако само неколку месеци пред тоа, Груевски пред да даде оставка од премиерското место, даде недвосмислена поддршка за Јанева по Пржинскиот договор.

Сега, кога Македонија и СЈО ги тресе аферата ,,Рекет“, многумина очекуваа Груевски комотно од Будимпешта да ги коментира актуелните скандали, но овојпат реши да молчи. Барем засега.

Но, за многумина поддршката на Груевски во 2015 година всушност не е случајна, а токму таа е човек на ВМРО ДПМНЕ.

Ване Цветанов кој изминатите години искажуваше разочараност од Јанева затоа што спротивно на неговите очекувања не го презеде предметот ,,Шпион“ во надлежност на СЈО , токму во контекст на видеото погоре, вчера напиша:

,,Чија е Катица? Мало потсетување: Бегалецот-азилант и преварант, ја фали професионалката Ката.
Се е јасно, нели? 
Ќе се сетите ли сега кој правел пропусти за да му се направи простор да избега?“-пишува Цветанов.

Со сличен став е Александар Диневски кој очекуваше правда од СЈО за истиот монтиран политички предмет како Цветанов. Диневски вчера побара притвор за Јанева, која според него, е една од главните што овој судски процес не е преземен од СЈО.

Пред две години во отворено писмо напиша:

,, Злосторничката антимакедонска и криминална Хунта на Никола Груевски и Фамилијата и натаму е одлучна во спроведувањето на пресметката со мене започната со иницирањето на монтираниот полициско – политички процес „Шпион“ во кој Хунтата се пресмета со десетина припадници на безбедносните служби согласно списокот што го споменува Гoрдaнa Јанкулоска во разговорoт со Мартин Протуѓер во од една од објавените „бомби“ нa лидерот на опозицијата Зоран Заев“-пишуваше тогаш Диневски разочаран од неисполнетото ветување и овој случај да биде дел од истрагите на СЈО.

Катица Јанева даде свечена изјава во септември 2015 година кога беше избрана со политички договор за прв човек на СЈО:

,, Изјавувам и се колнам дека во вршењето на функцијата јавен обвинител ќе го почитувам Уставот на Република Македонија, законите и меѓународните договори ратификувани во во согласност со Уставот, дека функцијата ќе ја вршам совесно, непристрасно и одговорно и дека ќе ги заштитувам слободите и правата на човекот и граѓанинот и интересите на други правни субјекти“ – изјави тогаш Катица Јанева, првиот специјален обвинител на Република Македонија, пред Советот на јавни и официјално ја презеде должноста да ги гони кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Само два месеца пред истекот на нејзиниот мандат, Јанева поднесе оставка истовремено кога беше уапсен нејзиниот пријател и работодавачот на нејзиниот син, неформалниот сопственик на 1 ТВ, Бојан Јовановски.

Од Јанева е одземен мобилен телефон во истрагата за рекетот од Јовановски врз Орце Камчев и други бизнимсени, за да се утврди дали таа била соучесник или била злоупотребена во оваа мега афера.

По оваа мега афера, многу прашања како на пример, кој сѐ поседува ,,бомби“, кој му ги дава на така наречениот Ел Чека, дали Катица Јанева подлегнала на мирисот на парите или е ,,спакувана“ заедно со Боки 13 заради дискредитација на СЈО, каква е улогата на Груевски, Мијалков и Камчев во целата оваа афера и т. н. можеби никогаш нема да добијат одговор.

Но, едно е сигурно, Катица Јанева ја заврши својата кариера како ,,специјалка“, останува да се види дали останатите обвинители од СЈО и нивните предмети ќе го преживеат ова шпионско-рекетарско цунами.

АКО.мк, Емилија Лазаревска