Груевски во Малта се сретнал со Орбан и со министер за земјоделство на Германија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски заедно со партиска делегација во чиј состав се членовите на Извршниот комитет Никола Попоски, Никола Тодоров, Влатко Ѓорчев, и секретарот за меѓународна соработка Александар Николоски присуствуваше на Конгресот на Европската Народна Партија кој се одржува во Малта.

Груевски, како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, присуствува на политичката сесија на Европската Народна партија каде се избра новиот потпретседател на народната партија Рафал Трашкоски од Полска.

Присуството на Конгресот , стои во соопштението, Груевски го искористил за остварување билатерални средби и разговори со повеќе политичари кои се дел од семејството на Европската народна партија која е највлијателна сила во Европската Унија.

Меѓу другото Груевски остварил средба со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, со Јанез Јанша од Словенија, со домаќинот на Конгресот и самитот на ЕПП на Малта,  претседателот на Националната партија на Малта Симон Бустил, со федералниот министер за земјоделство на Сојузна Република Германија и секретар за финансии на ЕПП Кристијан Смид и други политичари и влијателни луѓе од политичкиот естаблишмент на европско ниво.

Груевски по средбите и разговорите истакнал дека престојот во Малта го користи за промовирање на националните и државни интереси, но и за информирање на позициите и ставовите поврзани со актуелната состојба во државата.

– Деновиве заедно со партиска делегација на ВМРО-ДПМНЕ сум присутен во Малта пред се поради Конгресот на Европската Народна партија каде сме асоцијативни членки, но и поради билатерални средби со многумина политичари пред почетокот на работа на Конгресот, но и за време на конгресот, и веројатно ќе има средби до крајот и завршувањето на Конгресот. Се обидуваме секаде каде можеме да лобираме за Република Македонија за државните и национални интереси. Многу е значајно кога ќе им се каже од прва рака на присутните она што е важно за Република Македонија и за нејзината иднина, напредок, евроатланските интеграции и интереси. Истовремено информираме за се она што се случи во Република Македонија на политички план и се она со што народот, граѓаните на Република Македонија се соочуваат во овој период. Има луѓе кои не се запознати со случувањата и потребно е некој да ги информира и објасни. Нашето присуство е важно за лобирање за стратешките интереси на државата, но и за актуелната политичка ситуација, изјавил Груевски по средбите, пренесува во соопштение ВМРО ДПМНЕ.