Груевски во прегратка на Ахмети

На лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски не му се исполнија желбите да освои 63 пратеници и да не биде уценуван од Албанците. Ова тој редовно го повторуваше на сите митинзи барајќи поголема поддршка само од Македонците.

Но, сега му се брза да формира Влада.

,,-Ќе пристапиме веднаш кон преговори за формирање на влада и конечно да заврши кризата, бидејќи на народот му е преку глава од кризата. Да се вратиме на патеки од економија отворање на нови работни места, проекти со кои ќе се решаваат сите проблеми на граѓаните. Ќе бидеме фокусирани да се намали јазот помеѓу граѓаните. СДСМ во желба да не победи внесе многу гнев и јаз помеѓу македонскиот народ и граѓаните на Македонија и различните етнички заедници. Јас лично и новата влада ќе работиме на намалување на тој јаз и заедно сите граѓани на Македонија ќе ја градиме Македонија како земја со поголеми работни места стандард и држава која ќе се движи кон Европската унија. Благодарност без вас ова немаше да биде можно,,- рече Груевски пред своето членство повторно пропуштајќи да прати порака за обединување и еднинство, се разбира не гледајќи вина за ништо во себе, туку како и секогаш само во другите.

Не стивнуваат восклиците за минималната , но најзначајна победа за едните, и уверувањето дека ништо не е завршено и режимот е победен, кај другите.

Злосторство и казна: “Индијанци” и каубојции!?- пак заедно се прашува на својот ФБ профил долгогодишниот новинар Веле Митановски.

Тој пишува:-,,Според првичните, но не конечни резултати, ВМРО-ДПМНЕ освоила -51 пратеничко место, СДСМ – 49 мандати, ДУИ – 10, движењето Беса – 5, Алијанса на Албанците – 3 и ДПА -2 мандати.

Дури ниту во најкошмарните соништа, Груевски не можел да предвиди ваква разврска.Како и да го врти,како и да го сучи шилото, сега главата му е во торбата на Али Ахмети, а судбината му зависи од “Индијанците”,како што неговите најверни слуги, милуваа да ги етикетираат Албанците.

Како и да е, клучот за неговата политичка иднина и животна судбина, повеќе, не е во неговите раце. Може лесно да се случи, десетата победа, да му биде конечниот пораз!

Чудни се патиштата божји! “Да се биде, или не!”.

Дојде моментот, Ахмети конечно да се одлучи помегу “Калето” и “Илинденска”, помегу “тендербег” и Скендербег, помегу каква-таква политичка иднина, или збогување со политиката!

Тачи, даде беса дека неговите два гласа се за “Беса”.

“Беса”, не би била “Беса” ако не си стои на зборот дека со Никола нема дружба, за комшијата Села, речиси, сум сигурен дека “Калето” му е ориентир број 1.

Нема, друго, освен Али Ахмети, да даде беса дека ќе се пресели во Собранието, каде и дење и ноќе ќе дежура на кворумското 61-прво столче, што е малку веројатно!

“Да се биде, или не”, прашање е сега!”-пишува митановски.

Разврската од оваа нималку победничка ситуација, како што се претставува од ВМРО ДПМНЕ, не се наѕира, но едно е сигурно – повторно ќе бидеме сведоци на договори зад затворени врати меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. Што точно ќе договорат, веројатно никогаш нема да дознаеме, но доколку потрае нивната соработка во идната Влада, ќе дознаваме постепено.

АКО.мк актуелно-објективно