Груевски ги обвини СДСМ и ДУИ дека сакаат да го дефакторизираат македонскиот народ(видео)

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска порача секому кој сака да се коцка со државните и националните интереси, дека во оваа држава има и други кои мислат на тие интереси и кои се подготвени да се борат за истите.

Продолжуваме, внимателно да ја следиме ситуацијата, да комуницираме со сите што е потребно, но укажуваме на секој кој што сака да се коцка со националните и државните интереси, дека во оваа држава има и други кои мислат на тие интереси и кои што се спремни да се борат за тие државни и национални интереси, рече Груевски.

-СДСМ и ДУИ сакаат да направат дефакторизација на македонскиот народ. Она што сега се случува покажува дека СДСМ е цврсто влезена во намера да ја редефинира Македонија. Но морам да потенцирам дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ ќе стои цврсто во било која ситуација на браникот  и одбраната  на државата и националните интереси, рече Груевски оценувајќи ја ситуацијата со преговорите за формирање нова влада.

Она што може да видиме, рече Груевски, е обид на СДСМ и ДУИ да направат дефакторизација на Македонците, на македонскиот народ, но и на другите етнички заедници како Турците, Србите, Власите, Ромите и останатите.

– Таа дефакторизација нема да ја дозволиме. Она што исто така го гледаме е дека СДСМ се обидува на некој начин да се натпреварува самата со себе колку повеќе ќе им даде на албанските партии, и се поставува прашањето до кога така.  До кога со тоа давање, дали до моментот до кога нема да остане ништо во државата за давање  и ќе се загуби сето она што е стекнато со многу труд, со многу крв и многу напор, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на новинарско прашање по презентацијата на извештајот за напредокот на Македонија на листата за економски слободи на фондацијата Херитиџ.

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека тоа што сега од СДСМ тврдат дека Уставот нема да се менува е само заради фактот што, како што рече, знаат дека тој без ВМРО-ДПМНЕ не може да се менува.

– Инаку и Уставот ќе го променеа. Велат дека, односно укажуваат дека се ќе биде согласно Уставот, а всушност она што се слуша, што го планираат е кршење на Уставот. И тука ќе останеме цврсто на бедемот на одбраната на државните и на националните интереси во било која форма и во било која ситуација, рече Груевски.