Груевски ги плаши стружани со федерализација и двојазичност

ВМРО ДПМНЕ и коалицијата вечерва беа на предизборен митинг во Струга.

-Драги мои стружани,-им се обрати Груевски, да ве поздравам и да ве прашам на самиот почеток дали вие поддржувате федерализација и двојазичност на целата територија? Дали ќе им кажете на вашите браќа и сестри, сограѓани што значи да се пропушти шанса и да се изгуби референдум, бидејќи тоа на грб веќе го почувствувавте. Дали сметате денеска дека некои прашања не заслужуваат одговор како што тогаш велеше опозицијата? Сите ние го знаеме одговорот на овие прашања. Oдговорот на овие прашања се гледа во очите на нашите сограѓани насекаде каде што одиме и не е грев така да се мисли, рече Груевски на почетокот од своето обраќање.

Груевски рече дека тоа не значи дека не е потребен соживот и разбирање, толеранција, соработка и заедништво со сите етнички групации, но значи дека не може да се препушти државата да се третира како експеримент и од ден на ден да се менува во корен нејзината суштина и идентитет.

-Tоа е крајната цел. Tоа беше и целта на кризата и секој оној кој не веруваше или барем малце се сомневаше, сега знае, сега му е јасно и кристално чисто го гледа сценариото кое се надвиснува над нашата држава. Важно е овој пат да не оставаме некој да не не слушне и да не го разбере нашиот повик и важноста на овие избори за иднината на државата. Важно е сите заедно да се сплотиме и да не дозволиме македонија да биде жртва на неизвесноста која сдсм и заев сакаат да ја создадат со нивните опуштени изјави кои имаат многу опасна и сериозна цел, а таа е комплетно редефинирање на државата. Струга, Кичево, дел од Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар и други места низ нашата држава најдобро ги знаат искуствата од експериментите на СДСМ, рече Груевски.