,,Бројните провокации во изминатите  денови (од СДСМ), не само кон нас од ВМРО-ДПМНЕ туку и кон огромното мнозинство македонски граѓани, а особено кон македонскиот народ, се директен причинител за оваа ескалација на состојбите оваа вечер.

Начинот на кој се обидоа да изберат претседател на Собранието е целосно незаконски, противуставен и надвор од правилата на деловникот за работа на Парламентот на Република Македонија.

Денес се случи многу лош ден за Македонија, кој ќе имаат свои последици подолг период.

Настаните ме затекнаа на моето патување во Виена Австрија, каде имав повеќе средби и активности. Токму кога доцна попладнево ја одржував последната средба со Карл Фон Хазбург, претставник на моето обезбедување влезе и ме извести што се случило во македонскиот парламент, пошто веднаш ја прекинав средбата. Пристигнав околу полноќ и одржав итен состанок на ИК оваа вечер.

Излегувајќи од таа седница, дозволете да соопштам неколку работи.

Прво, сакам да го осудам насилството кои поединци го направија напаѓајќи и лично повредувајќи поголем број пратеници.  Никогаш не сум оправдувал насилство, независно кој и зошто го предизвикал.

Повикувам институциите да направат брза и ефикасна истрага, и да ги откријат виновниците и да обезбедат докази, а веднаш потоа да ги изведат пред суд  оние кои им нанесоа повреди на пратениците, граѓаните и на  полицајците.

Никогаш во животот не сум помислил ниту на власт да дојдам, ниту да останам со насилства и со физички повреди на други лица, ниту пак подржувам други да го прават тоа, како такви кои ме подржуваат мене така и моите опоненти.

Повикувам исто така, да не се ставаат во ист кош огромното мнозинство граѓани кои со денови мирно протестираа и оние кои никого не повредија, со оние кои тоа го направија вечерва. Тие имаат право на протест, на изразување револт и на демократска борба за она во што веруваат, за доброто на Македонија.

Ги поздравувам напорите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија што дадоа се што е во нивна моќ и несебично им  помогнаа на физички нападнатите пратеници.

Ги поздравувам и напорите на полицијата која се вклучи во смирување на состојбата, како и на лекарските екипи и сите оние кои се обидоа да помогнат, како и на голем број странски политичари со кои вечерва разговарав телефонски и испратија пораки за смирување на состојбата и зачувување на стабилноста.

На повредените пратеници, граѓани и полицајци им посакувам брзо закрепнување“-изјави Груевски на прес конференцијата во 3 часот по полноќ во седиштето на ВМРО ДПМНЕ.