Груевски му зборувал на Данкан дека ДУИ отстапува од принципот победник со победник

Македонците се фрустрирани затоа што ДУИ сака да отстапи од принципот што го договоривме порано со ДУИ , а тоа е победник со победник да состави Влада-му раскажал Груевски на британскиот министер за Европа и Америка Алан Данкан. Според соопштението на ВМРО ДПМНЕ иако ДУИ во минатото инсистирале овој принцип да се преточи во закон, тие не се согласиле со тоа.

Го запонзале гостинот дека во  Македонија има политичка криза која требаше да се разреши со избори, на кои ВМРО-ДПМНЕ победи со 51 пратеник, а опонентот СДСМ имаше 49 пратеници.

„Бидејќи сме мултиетничка земја има едно правило кое што во минатото  партиите на Албанците бараа да биде и закон, а не само принцип. ВМРО-ДПМНЕ тогаш посочи дека е подобро да остане само на ниво на принцип бидејќи ќе беше многу невообичаено да се преточи во закон, а станува збор за правилото победникот кај македонските гласачи да мора секогаш да коалицира со победникот кај албанските гласачи. На тоа највеќе апелираше и инсистираше токму партијата ДУИ. На оваа тема имаа многу интервјуа и прес-конференции, особено што и меѓународната заедница не’ советуваше тоа да го прифатиме како принцип. Сите тогаш посочуваа дека сме мултиетничка земја, дека не треба да гледаме како е во другите држави бидејќи кај нас е специфично, и ВМРО-ДПМНЕ тоа го прифати и применуваше се додека зависеше од нас. Самиот претседател на ДУИ тврдеше дека ако не се земе најголемата партија кај Албанците во власта ќе има дефакторизација на Албанците во државата и газење на нивната  волја.  Сега за прв пат дојде обратна ситуација, сега од ДУИ зависи каква ќе биде идната влада“, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Британскиот државен министер Данкан запраша кој е статусот на правилото за коалицирање на победничката партија кај Македонците со победничката партија кај Албанците, на што од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека се тежнее очигледно на тоа статусот кој до сега важеше, од сега да не важи, како и дека доколку се случи тоа ќе имаме дефакторизација на Македонците и нивна мајоризација, газење на волјата на мнозинството на Македонци и се обратно за што ДУИ досега се залагаше. Од ВМРО-ДПМНЕ додадоа и дека доколку сега се случи прекршување на принципот, истиот во иднина никогаш повеќе нема да важи бидејќи победникот повеќе би добил во коалиционите разговори од вториот или третиот по ред  поголем партнер,  отколку што би добил од најголемиот партнер за разговори.

Во однос на можните последици од прекршување на овој принцип од ВМРО-ДПМНЕ се посочи дека можни се тензии и притисоци од членството. „Ние сме под голем притисок на нашите гласачи и нашето членство да се бориме и да не го дозволиме нарушувањето на тој принцип, затоа што во основа ние правично постапуваме цело време и сега некој друг не постапува правично кон нас“, појаснија од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот Данкан праша и што ќе се случи ако ДУИ решат да одат со СДСМ и со другите помали албански партии, дали тоа ќе е нелегитимна влада, на што од ВМРО-ДПМНЕ беше посочено дека во нашето општество на тоа се гледа како на нелегитимна влада заради нарушениот принцип „победник со победник“, а посебно проблематично е што ДУИ преку ова коалицирање сака да издејствува неуставен закон за употреба на албанскиот јазик.

„Ние ќе направиме се што е во наша моќ да ги задржиме мирот и стабилноста, но не знаеме како ќе се одвиваат работите. Ќе има тензија, луѓето се вознемирени, тоа е главната тема во нашата држава. Македонците поради тоа се длабоко фрустирани особено што ова се прави поради неуставен закон за двојазичност на целата територија. Не сме убедени и дека една таква влада може да ги постигне тие цели во една таква атмосфера. Затоа предложивме дека е добро да се направат нови парламентарни избори“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.

Државниот британски министер Алан Данкан истакна: „Наш заеднички интерес е да се остварат долгорочните цели на државата врзани со нејзините приоритети и нејзините интереси. Што се однесува до формирањето на Влада, тоа не е наша работа. Тоа е ваша работа, работа на партиите.“

На средбата бил присутен и британскиот амбасадор во земјата Чарлс Гарет кој запрашал која би била реакцијата доколку ВМРО-ДПМНЕ не направи влада со ДУИ, односно кои се следните чекори и дејства на ВМРО-ДПМНЕ со цел да ја изрази волјата на своите избирачи, на што од ВМРО-ДПМНЕ беше посочено дека за тоа ќе информираат кога ќе се донесе одлука за тоа, како и дека има долга листа на чекори, но што од тоа би одбрале не би можело да биде соопштено во овој момент.