Груевски на Заев, на г.г. Стефан и на Стојанов им го честиташе Велигден

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски на поглаварот на МПЦ ПОА Архиепископот г.г. Стефан, на Киро Стојанов Скопски бискуп и Апостолски егзарх во  Република Македонија и на Емил Заев, претседател на Евангелистичко-Методистичката црква во Македонија им го честиташе Велигден.

 Ми претставува особено задоволство, во свое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ, Вам и на сите верници на Евангелистичко-методистичката црква, на православната црква и на Католичката црква  во Македонија да Ви го честитам најголемиот христијански празник – Велигден-се вели во одвоените честитки.

Воскресението Христово преставува најсветлиот и најголемиот христијански празник. Тоа е денот кога се празнува радоста за победата на животот над смртта. Велигден е празникот на мирољубивоста, човечноста и толеранцијата меѓу луѓето.

Само на тој начин, со верба во себе и почит кон другите, ќе успееме да ги надминеме и да се избориме со сите предизвици во нашата цел за градење на просперитетна држава и благосостојба на граѓаните.

Да ги заборавиме и надминеме поделбите, во овие празнични мигови и во секојдневието потребно е единство и почитување  на моралните вредности. Растот и борбата за подобра иднина преставува нашата најголема цел и за нејзино остварување потребен е придонесот на секој граѓанин-се вели во честитката на Груевски.