Груевски на обвинителна клупа за нарачаното насилство во општина Центар

 

 

 

Ова е разговорот меѓу Никола Груевски како премиер и тогашниот министер Миле Јанакиевски во кој Груевски му дава наредба да организираат протести и немири пред општина центар, а да паднат и ,,неколку шамари,, за градоначалникот Андреј Жерновски.

За ова денеска Груевски ќе седне на обвинителна клупа . Обвинението го состави СЈО, а го товарат  првообвинетиот Груевски дека побарал, а Јанакиески прифатил преку партиски членови да извршат грубо насилство врз градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски и врз членови на Советот на општината.

Лани, по објавувањето на снимениот разговор за насилство врз него, Жерновски му се обрати на Груевски:

,,Види Никола, досега кога беше 4 години министер во Владата на Љубчо Георгиевски и 9 години претседател на Владата на Република Македонија, ти се обраќав со Вие, после овој разговор ќе ти се обратам со ти, бидејќи ти си обичен насилник. Ти си човек кој ја срами, ја брука, ја сквернави функцијата Претседател на Владата на Република Македонија.

Ти не си оној политичар кој се претставува во јавноста. Ти не си чесен, туку ти си политичар кој само размислува и работи за провизии и за пари. Ти не работиш 24 часа, туку наместо во Владата, ти си во комбе и бараш погодни плацеви во Центар и особено во Водно за тебе и твојата фамилија.

И она што ни е чудно, што за сите овие 13 години во владите на Република Македонија не научи една работа. Дека многу повеќе од како што ти велиш “врзан шамар” од политичните противници, многу повеќе боли и многу попресуден е шамарот што ќе го добиеш од граѓаните на Центар, на Скопје и на Република Македонија.

А, тука каде што бараш плацеви, видовме дека ги донесе, дека ги злоупотреби твоите членови и вистинските верници НЕ за да ја браниш црквата, туку за да ги браниш твоите плацеви на Водно и да врзуваш шамари преку некои други луѓе.

Но, треба едно да знаеш, дека тука во Центар каде што нарача демолирање, а нарача исто така и да ми врзат 5 шамари, ти веќе доби 5 шамари Никола. Во првиот круг на локалните избори, втор шамар во вториот круг на локалните избори, трет шамар на третиот круг на локалните избори, четвртиот шамар го доби кога беа вонредните парламентарни избори и првиот круг од претседателските, и шестиот шамар го доби на вториот круг од претседателските. И цело време губеше тука во Центар. Но, знај Никола, дека најголемиот шамар допрва ти претстои.

Гледаш Никола, ние од нашата коалиција и ние советниците и градоначалникот на општина Центар сме различни. Ти градиш споменици, скулптури, ние градиме градинки и школи. Ти во Центар сечеш дрва, ние садиме над 300 дрва и правиме паркови како овој прекрасен. Ти во Центар земаш од граѓаните, ние даваме на граѓаните со бесплатен паркинг. Ние даваме за точаци, ние даваме од оваа година родителите да не плаќаат повеќе пари и за екскурзиите, и за обезбедувањето, и во градинките да не плаќаат за часови по англиски јазик, и по физичко. Ние сме сосема различни.

Ние не сме како тебе да не ги прашаме граѓаните на Центар, на Скопје и на Македонија, како да се потрошат нивни половина милијарди евра за Скопје 2014. Не! Ние правиме референдум. И на 26-ти за 7 дена од сега ти уште еден шамар ќе добиеш Никола, верувај ми во ова што ти го кажувам!

За крај Никола, сакам да ти кажам нешто, знам дека вечерва ќе го слушнеш ова. Твојот сон според она што го слушнавме неодамна на снимките коишто ги обелоденува Зоран Заев и СДСМ, слушнавме дека ти сакаш да се одвоиш од граѓаните преку ѕид голем 6,7 метра на Водно. Но, Никола, ти нема да се одвоиш од граѓаните преку таков потпорен ѕид. Ти наскоро од граѓаните ќе се одвоиш преку решетки.

Поздрав за слободен Центар, Скопје и Македонија!“-рече Жерновски.

АКО.мк актуелно-објективно