Груевски нема намера да прифати тв дуел или дебата

ВМРО ДПМНЕ се уште го третира излегувањето на тв соочување или дуел како приватна одлука, а не како обврска која произлегува од носењето на државни и општествено одговорни функции. Ова може да се заклучи од изјавата што Иво Котевски, Директор на центар за комуникации на оваа партија ја дал за агенцијата Мета.

,,Зоран Заев повикува на многу работи, но тоа не значи дека сè треба да му се исполни, па ниту ТВ-дуел, изјавил за „Мета“ директорот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, одговарајќи на прашањето дали Никола Груевски ќе одговори на повикот на својот политички опонент, лидерот на СДСМ, и ќе прифати телевизиски дуел.

Никола Груевски во последните 10 години откако е на власт не прифатил ниту едно соочување, ниту учествувал во предизборни дебатни емисии. Груевски исто така , ги игнорира медиумите и новинарите кои не се под негова контрола и никогаш не прифатил интервју, разговор или тв дуел на нивна покана.

Искуството ни говори дека сите изминати изборни циклуси се игнорирани поканите на критички настроените новинари, а тенденцијата на ВМРО ДПМНЕ била да не се оди на дебатни емисии кај медиуми кои не ги контролираат и на тој начин да се остави простор за оцена дека тие медиуми не известувале избалансирано за време на избори.

Последно појавување на Никола Груевски на емисија во која не ги бирал тој новинарите, е гломазната дебата на МТВ во првата година од неговото владеење, кога цела влада седна наспроти дваесетина и повеќе уредници од сите медиуми и одговараа повеќе часови на нивни прашања. Оттогаш Груевски, а во голема мера и функционери од ВМРО ДПМНЕ одат само кај проверени новинари кои нема да поставуваат провокативни прашања.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев од почетокот на изборната кампања, неколкупати го повика Груевски на телевизиско соочување.

И на претходите избори лидерите на СДСМ Радмила Шеќеринска и Бранко Црвенковски го повикуваа на тв дуел, но тој никогаш ниту прифати, ниту одговори на нивните повици.

Емилија Лазаревска