Груевски не и верува на Американската амбасада во Скопје

,,ВМРО-ДПМНЕ благодари на одговорот на Амбасадата на САД. Тој е краток и кажува се.

Очигледно е дека нема потврда дека станува збор за официјален став и сугестија на новата администрација во Вашингтон дека не треба да има нови избори, односно дека партиите во сегашниот состав мора да разговараат за формирање на идната влада.”-ова е кусата реакција на ВМРО ДПМНЕ по обидот претходно да добијат појаснување од Амбасадата што сакале да кажат со ставот дека тие се за продолжување на преговорите за состав на Влада, а не за нови избори.

Партијата на Груевски вчера побара објаснување зошто еден ден откако ВМРО-ДПМНЕ јавно се произнесе дека ситуацијата во Македонија е зрела за нови избори, Амбасадата на САД во одговор на новинарско прашање ги повика партиите да ги продолжат разговорите за формирање на нова Влада. Одговорот на новинарското прашање следеше откако не беше постигнат договор за формирање на Влада во уставниот рок и СДСМ излезе со став дека треба да го добијат мандатот, иако тоа не е предвидено со Уставот.

Со оглед на дискусиите во јавноста кои ги отвори овој став на Амбасадата, ВМРО-ДПМНЕ бара појаснување дали нивната позиција значи дека САД сугерираат и бараат од Република Македонија и од партиите во парламентот да нема нови предвремени парламентарни избори и дали овој повик може да се толкува како официјален став на новата администрација во САД, партиите со постоечкиот распоред на силите од последните избори да состават нова Влада?

Ова прашање го поставуваме јавно бидејки ставот на Амбасадата беше изнесен јавно и создаде конфузија при неговата интерпретација во јавноста, па би било добро и појаснувањето да е јавно-реагираа вчера од оваа партија.