Груевски од Охрид ја обвини Владата на Заев за ,,помрачување“ на Македонија и ја нарече ,,рекет-екипа“

ВМРО ДПМНЕ, кампањата за престојните локални избори ја започна и првиот  митинг го одржа во Охрид, што партијата, традиционално, го чини од осамостојувањето на земјата и првите избори во 1990 година.

Митингот се одржa на Градскиот плоштад во Охрид, на кој говореа кандидатот за градоначалник Митко Тилевески, претставици на коалицијата, претставници на унгарската сестринска партија ФИДЕХ, како и лидерот Никола Груевски.

Говорот на Груевски беше ,,избалансиран“, со тоа што потроши подеднакво време за локални проблеми и проекти, се до тоа кои улици биле, или ќе бидат асвалтирани, додека на генерален план, ја обвини актуелната власт за продажба на националните интереси, јазикот и македонското малцинство – со Договорот за добрососедство со Бугарија.

Критиките на меѓународен план очекувано беа  најжестоки во делот на надворешната политика. Рече дека владата на Заев е донесена со задача да го продаде името на Грција.

-Тоа е операција за решавање на проблемот со името по терк на Грција, заедно со онаа што СДСМ како губитник на парламентарните избори ја донесе на власт – вели Груевски.

Се заедно, според Груевски, новата власт ја донела Македонија во едно помрачување, но ВМРО ДПМНЕ ќе има отворени очи, нема да им дозволи да им ја украдат победата, што уште сега им е осигурана за локалните избори, додека локалните избори брзо ќе доведат да предвремени парламентарни избори.

Груевски вети враќање на власт, нови проекти, стотици илјади нови вработувања, 12.000 долари доход по глава на жител, а ги поддржа идеите на локалните власти, за локални референдуми против доселувањето на бегалци.

Ја обвини власта, која за него е “рекет-екипа”,  дека  извозот го намалила за 12 посто, девизните резерви за 170 милиони евра, дека откако стапнала на власт во Македонија не стапнал странски инвеститор.

Груевски најави нова ера со нова енергија, ново утро за, како што рече, помрачената Македонија за што направиле план за нова десетолетка, план кој е прецизно подготвен, план кој го образложивме на јавноста во детали во на големиот собир во петокот во Скопје, и план кој предвидува реален и крупен напредок на Македонија. Визија за иднината, иднина во која Макеоднија ја гледаме како членка на ЕУ и на НАТО, и во стратешко партнерство со Америка, план со кој се предвидува отворање на нови 150 илјади работни места во Македонија и намалување на невработеноста  под 10 проценти – рече Груевски пред митингашите, кои делумно беа охриѓани, а дел довезени од други градови.

За разлика од претходни митинзи, тоа беше помалку забележливо, затоа што автобусите, наместо по Булеварот,беа паркирани на големиот паркинг простор пред и внатре во СРЦ “Билјанини извори”.

Во очи на вечерашниот митинг, синоќа минута по полноќ, пред штабот на партијата во Охрид, пред присутните граѓани се обратија претседателот на ОК и носител на советничката листа Д-р Кирил Пецаков, актуелниот градоначалник Д-р Никола Бакрачески и кандидатот за градоначалник Д-р Митко Тилевски.

Веле Митаноски