Груевски пак не дојде да сведочи за ,,Пуч”

Главниот сведок во судскиот процес ,,Пуч” Никола Груевски повторно не дојде на судското рочиште да сведочи за обвинителството по наводите за насилно уривање на уставниот поредок, за што се обвинети Зоран Заев, Зоран Верушевски, неговата сопруга и уште едно лице. Тој повеќепати бега да се соочи со обвинетите.

Како што веќе известивме, последното рочиште беше одложено поради болен поротник, но не се појави и Груевски, како впрочем и на претходните неколку рочишта.

Предметот „Пуч“ на почетокот беше воден од Основното јавно обвинителство, но од неодамна премина во надлежност на Специјалното јавно обвинителство.

Тогаш почнаа и проблемите со преземање и на доказите кои ОЈО не брзаше да им ги предаде на СЈО. Тимот на СЈО почна да ги разгледува доказите директно во судот, а Апелацискиот суд дозволи СЈО да ги преземе сите документи во врска со предметот.
Во предметот „Пуч“, за неовластено прислушување покрај Заев, обвинети се и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња Верушевска, Ѓорѓи Лазаревски, поранешен вработен во МВР и вработен во струмичката општина Бранко Палифров.

Предметот ,,Пуч” МВР го оформи на почетокот на 2015-та година, а на 31 јануари излезе со опширно соопштение во кое извести за што ги сомничи четворицата. Како повод за истрагата беше средбата на Заев со Никола Грувски во текот на есента 2014 во кабинетот на тогашниот премиер , кога лидерот на опозицијата практично го предупреди дека поседува снимени материјали од прислушувани разговори кои ги дискредитираат и инкриминираат Груевски и неговите најблиски соработници.

Оваа средба беше тајно снимена од страна на службите, а потоа користена како доказен материјал во процесот.