Груевски пред аеродромци зборуваше за Заев

Работите се сложуваат како парче мозаик, додава, и секој од вас може да ја види големата слика, нема веќе завиени форми, директно Заев си го соопштува планот, редефинирање на државата, најпрво отворање на Уставот, правење на некој нов рамковен договор, воведување на двојазичност на цела територија, а потоа чекор по чекор создавање на кантони по примерот на Швајцарија.

-Кантони се држави во држави, кои во секој момент со референдум имаат право на отцепување, тоа ли го сакаме? Да дојде ситуација после 5-10 години некој кантон да се отцепи. Тоа ли е идејата? Сценарио многу опасно за државата и иднината на сите граѓани. Но, човекот ја прифатил таа улога и ќе си ја носи. Но, во оваа држава има народ кој иако не го прашува што сака, многу добро знае и гледа што се прави. И гласот на тоа тивко мнозинство доаѓа, одговорот пристигнува на 11-ти декември кога ќе го казни СДСМ и ќе доживее тежок пораз. Затоа што на овој народ и нам ни е важно во каква држава живееме и каква иднина им оставаме на своите деца. Бидејќи Заев е нели по плановите и на сите нас мисли и живот ни дарува, човекот она за што зборуваше повеќејазичност и кантонизација си го напишал и во памфлетот кој го нарекуваат план за живот, рече Груевски.

Нивниот план за живот е план за реорганизација и зголемена надлежност на територијалните единки кои практично би станале автономни целини. Тоа е планот на Зоран Заев и тоа го пишува во нивната програма, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

-Па така СДСМ нуди комплетно менување на ликот на државата. СДСМ нуди отворање и редефинирање на организацијата на безбедносните структури, моделот на образованието, културната политика, образованието и локалната самоуправа.  СДСМ предвидува трансферирање на дел од надлежностите на полицијата околу одржувањето на јавниот ред и мир и сообраќајот од централната на локалната власт. Со други зборови формирање на локални полиции во Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево, Струга, Чаир, Бутел, Липково или Арачиново. Па сакајќи да го погоди теркот по швајцарската федерација напишале дека ќе создадат политички самостојни општини. Ќе ја менувале и културата која до сега била етноцентрична, а според нив со тоа била и штетна. Ова во превод значи дека им сметаат спомен обележјата на илинденците, партизаните, кои патем се од различна етничка припадност, но сите биле големи поради својата историска улога, им сметале музеите и новите театри, вели Груевски.

Во планот за дарување на живот, продолжи Груевски, Заев и неговите ги препишале изјавите за двојазичност и напишале ќе бидат стимулирани проекти за мултикултурно дружење и меѓу јазична комуникација и во повисоките степени на образованието”.

 

ВМРО ДПМНЕ и коалициските партии одржаа мал митинг и во Карпош.