Груевски призна дека не постои постизборно правило победник со победник

Во обемното соопштение што вчера го издаде ВМРО ДПМНЕ по средбата со британскиот министер за Европа и Америка Алан Данкан  експлицитно стои дека никаде во македонските закони или во Уставот не постои правило за постизборно коалицирање по принципот победник со победник.

Имено, во објаснувањето како тие  го запознале гостинот со тоа дека политичката криза не може да се разреши со коалиција меѓу победникот во албанскиот политички блок на изборите   и второпласираната партија кај Македонците, во случајот СДСМ која има освоено две пратенички места помалку од ВМРО ДПМНЕ, оваа партија обелоденува дека тој принцип не е правило, ниту законска обврска.

ВМРО ДПМНЕ открива дека наводниот принцип за ,,победничко“ коалицирање си го воспоставиле, интерно, Никола Груевски и Али Ахмети во изминатите изборни циклуси на ,,чесен збор“.

„Бидејќи сме мултиетничка земја има едно правило кое што во минатото  партиите на Албанците бараа да биде и закон, а не само принцип. ВМРО-ДПМНЕ тогаш посочи дека е подобро да остане само на ниво на принцип бидејќи ќе беше многу невообичаено да се преточи во закон, а станува збор за правилото победникот кај македонските гласачи да мора секогаш да коалицира со победникот кај албанските гласачи. На тоа највеќе апелираше и инсистираше токму партијата ДУИ. На оваа тема имаа многу интервјуа и прес-конференции, особено што и меѓународната заедница не’ советуваше тоа да го прифатиме како принцип. Сите тогаш посочуваа дека сме мултиетничка земја, дека не треба да гледаме како е во другите држави бидејќи кај нас е специфично, и ВМРО-ДПМНЕ тоа го прифати и применуваше се додека зависеше од нас. Самиот претседател на ДУИ тврдеше дека ако не се земе најголемата партија кај Албанците во власта ќе има дефакторизација на Албанците во државата и газење на нивната  волја.“-му рекол Груевски на Данкан.

Исто така, во ова соопштение се открива дека ДЕФАКТОРИЗАЦИЈАТА на македонскиот народ за која толку зборува во последно верем Груевски е произлезена од договорот на двоецот Груевски-Ахмети во минатото, а според кој Ахмети инсистирал на правилото победник со победник, за да не се случи ,,дефакторизација„ на албанската заедница во Македонија.

Доколку сега се случи прекршување на принципот, истиот во иднина никогаш повеќе нема да важи бидејќи победникот повеќе би добил во коалиционите разговори од вториот или третиот по ред  поголем партнер,  отколку што би добил од најголемиот партнер за разговори, предупредија вчера од ВМРО ДПМНЕ.