Груевски се крие зад ,,народот“ и го повикува на ,,долгорочен отпор“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ги повика своите следбеници да бидат будни и да се подготват за подолгорочен отпор, бидејќи како што рече „ова сега се историски и драматични моменти за Македонија“.

„Оваа битка нема да заврши за неколку дена. Затоа народот треба да биде подготвен за подолгорочен отпор…Заев и неговата банда по секоја цена сакаат да дојдат на власт, дури и по цена на насилство во Парламентот, како што се заговара овие денови, особено за наредната недела или по Велигден“, изјави Груевски, на линија на атмосферата што се подгрева деновиве во земјата од страна на владеечката партија дека се подготвува „државен удар“ од СДСМ и се промовираат парамилитаристички организации.

Наспроти ваквата драматика, Груевски потоа излезе со спротивна идеја како да се решава политичката ситуација.
“ Треба само преку разговор, преку демократија, преку демократски дијалог во Парламентот да се изнајдат решенија коишто се добри за граѓаните и мнозинството народ ќе ги прифати“, изјави тој. Најдобро можно решение, според него, се брзи избори на кои народот ќе види се – СДСМ со Тиранската платформа, а ВМРО-ДПМНЕ со „концептот за стабилна, унитарна и граѓанска Македонија“.

„ Живееме во прилично тешки и драматични времиња за унитарноста, државноста и за националните интереси. Добро е што граѓаните се веќе сензибилизирани до степен што им станува јасно, дури и на оние што гласаа за СДСМ, дека во некои разговори некој продал некои работи и оти тие што го поддржале и гласале за него сега е моментот да застанат да се спротивстават, што и го прават. Низ улиците не се само гласачи на ВМРО-ДПМНЕ, туку се многу гласачи и на СДСМ и на други партии и луѓе кои не гласале“, рече Груевски, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Струмица.

Според него, се потврдиле неговите предупредувања од изминатиот период дека СДСМ заедно со неколку албански партии помогнати од надворешни фактори прават се што е во нивна моќ да посегнат по државните и национални интереси на што клучна и завршна цел ќе биде промена на уставното име на Македонија и загрозување на идентитетот на Македонците.

Извор:Макфакс