Груевски: Слушнав дека вечерва славеле со музика во штабот на СДСМ….

Прочитајте ги пораките на Никола Груевски од ноќешната прес конференција, во кои тој најдрско и најбезобразно тепаните ги прогласува за предизвикувачи на обидот за нивно линчување, а потоа ги повикува да седнат на иста маса да ја решат мирно ситуацијата. Груевски нема ниту трошка грижа на совест, ниту има намера да преземе било какава одговорност. Груевски најавува нови чекори на ВМРО ДПОМНЕ, наместо веднаш и неодложно да поднесе оставка!

Груевски иритирачки, вели, со музика славеле во СДСМ:

,,Начинот на кој се обидоа да изберат претседател на Собранието е целосно незаконски, противуставен и надвор од правилата на деловникот за работа на Парламентот на Република Македонија.

Раководството на СДСМ, како и другите партии од нивната коалиција добро го знаат тоа, и тие свесно одлучија да го прекршат законот, уставот и деловникот, со што најдиректно ги предизвикаа настаните и сносат одговорност за тоа. Слушнав дека вечерва славеле со музика во штабот на СДСМ, со што само уште еднаш ја докажаа својата незрелост и антидржвничко однесување. Овој ден во Македонија не е ден за славење.

Нивниот однос и постапки ја ставија Македонија на голем срам и презир пред меѓународната јавност и директно го загрозија уставниот поредок на државата. Добивањето можност сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија да се изјаснат во рамките на со деловникот лимитираното време, ќе покажеше демократска зрелост на Македонија.  Алчноста за доаѓање на власт по секоја цена, дури и со прифаќање на антидржавни платформи креирани во друга држава, подготвеноста да ги стават на коцка државните и националните интереси заради гола власт, и бегањето од ново соочување со народот на избори, е директна причина заради која дојде до оваа несакана ситуација.

Во наредните денови ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објави своите следни чекори, но ВМРО секогаш била и ќе остане  на страната на народот, на страната на уставот и на страната на националните интереси на државата,  затоа што постои токму заради народот, и заради Македонија.

Трето, повикувам да се прифати иницијативата на претседателот Иванов за средба на партиските водачи, со цел изнаоѓање институционално  решение по мирен пат, без дополнителни штети за државата и за нејзините граѓани. Само преку дијалог може да се излезе  од сегашната криза. Се друго води кон хаос и штета на државата. Потсетувам дека во повеќе наврати јавно говорев за можните ризици со ваквиот однос на СДС и нивните партнери.

Истовремено, ги повикувам сите граѓани на Македонија, да не подлегнуваат на провокациите на СДСМ. Правото да се протестира е загарантирано со устав, но очигледно некој вечерва сакаше да предизвика хаос и за тоа да го обвини ВМРО-ДПМНЕ, а штетата врз Македонија да ја претвори во своја партиска и политичка  добивка. Народот има право да си ја чува и брани земјата. И тоа никој не може да му го оспори, но навлекувањето на насилни методи на физички пресметки оди на директна штета на Македонија и на сите нас во неа.

Оние кои го правеле сценариото за денес, очигледно посакувале да има насилство со цел истото да го стави во сенка незаконското, противуставно и против деловничко бирање на претседател на Парламентот, со класично ,,силување,, на парламентот и државата. Нивната цел е никој да не говори за тоа, туку за насилствата направени од поединци, и притоа прстот да се впери кон раководството на ВМРО-ДПМНЕ кое нема никаква поврзаност со овие настани.

Наспроти тоа, ВМРО-ДПМНЕ осудувајќи го насилството повикува да не се кријат зад тој чин на поединци, за она што подолго време го најавуваа од СДСМ, а денеска го сторија.

Повикувам до граѓаните, независно дали се Македонци, или Албанци или Турци, Роми, Срби, Бошњаци, власи, останати да останат присебни, да не наседнуваат на можни провокации на поединци или групи, а исто така на политичарите да не превземаат дејства кои би предизвикале меѓуетнички тензии“-(од прес конференцијата на Никола Груевски).