Груевски: Со тие политики привлекувавме инвестиции, СЈО продолжува со политичкиот прогон

,,Новите 6 истраги на СЈО се само продолжување на политичкиот прогон кон сегашни и поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, а во контекст на слабеење на позициите на партијата и нејзини поединци, како и во контекст на промената на името по неуспешниот референдум“-реагира Никола Груевски на неговиот ФБ профил по објавувањето на новите истраги на СЈО, во коиу главно тој е првоосомничен.

,,Очигледно, од илјадници инвеститори и компании кои работеле во Република Македонија избрани се компании од Русија, Турција и Кина, со цел да се создаде слика дека ВМРО-ДПМНЕ било политички и економски ориентирано кон овие држави за да тоа, а не кон НАТО и ЕУ државите, иако јавно е позато дека по сите параметри, независно дали е увоз-извоз или странски инвестиции, над 90 отсто од соработката се со компании од држави членки на ЕУ и НАТО, како Германија, Британија, Америка, Белгија, Италија, Холандија итн.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше од сите земји во светот да привлече инвестиции и да создаде услови за добра бизнис клима, но најуспешна беше токму со компаниите на земјите членки ЕУ и НАТО.

Што се однесува до конкретните фабрикувани случаи, треба да се каже дека владата со цел привлекување инвестиции и стимулирање развој и градба ја намали почетната цена за градежно земјиште по едно евро метар квадратен при продажба на такво државно земјиште за изградба на куќи ширум цела Македонија, за индустриски капацитети, за хотели, за објекти од областа на образованието итн. Истовремено владата за истите овие намени за 90 отсто ги намали комуналиите со цел да привлече инвеститори, да овозможи економски развој, а во делот на куќите да овозможи на поевтин начин граѓаните да дојдат до свој дом-куќа. Ако за оваа политика бидеме обвинувани, тогаш чесно е да се каже колку милиони евра инвестиции во Македонија донесе оваа политика и колку работни места отвори. Отворањето на над 180 илјади нови работни места во време на владеењето на ВМРО не дојде случајно, туку со многу правилно осмислени и дизајнирани економски мерки.
Со тие политики привлековме, многу фабрики, градби на многу нови хотели, градби на многу нови куќи итн., пишува Груевски.

,,Накратко, политичкиот прогон кој се спроведува преку СДСМ продолжува и се интензивира. СЈО не е ниту независна, ниту неполитичка ниту непристрасна институција.
СЈО е класичен инструмент за репресија кон политичките неистомисленици и што подолго одржување на власт на СДСМ“-реагира Груевски.