Груевски тргна во кампања

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ најави проект за изградба на 140 градинки во периодот од 2017 до 2020.

,,На малите деца им се потребни градинки кои ќе бидат цврста основа за нивниот воспитно-образовен развој. Подеднакво важно е и да има повеќе капацитети кои ќе овозможат добра и квалитетна услуга во тие градинки. Пристапноста до градинки честопати има влијание и при носењето на одлуката на родителите околу проширувањето на нивното семејство, и особено родители кои работат а немаат друга алтернатива за чување на децата, се многу зависни од можноста за испраќање на детето во градинка. На тој начин градинките имаат и влијание на наталитетот, односно демографијата во државата, изјави денеска на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој го промовираше проектот за изхрадба на 140 државни детски градинки, од кои 100 ќе бидат комплетно нови. Проектот според проекциите ќе чини околу 25 милиони евра.

Груевски паралелно излезе на прес за да најави нов проект како дел од нивната програма за претстојните избори, во моменти на одржувањето на Конгресот на СДСМ.

Социјалдемократите одговорија со соопштение во кое се вели:

,,На денот кога СДСМ рамо до рамо со граѓаните крои план за подобра иднина за државата, обвинетиот Груевски панично продолжува да ветува нереални проекти, во кој ни тој самиот не верува. Како обвинето лице пред правосудните органи, Груевски веќе нема никаво право да одлучува за иднината на децата на Македонија.

Обвинетиот Груевски цели десет години одлучуваше за судбините на сите граѓани на Македонија, а резултатите од неговото владеење се крајно поразителни. Груевски ја имаше сета власт во свои раце да го реши проблемот со градинките, но тој сето време го посвети на коруптивни тендери, огромни плацеви и богати провизии. Лицермерно повторувајќи дека се грижи за семејствата, Груевски заборава да потенцира дека единствено се грижи за Фамилијата преку која ја урнисува Македонија.

Граѓаните одамна ја препознаа неискреноста и нечесноста на обвинетиот Груевски. За нив, тој е веќе прочитана приказна. Приказна која на 11 декември и дефинитивно ќе заврши.

По 11 декември СДСМ заедно со народот, исто како и денес, сплотено и сигурно, ќе започне со враќање на вистинските вредности. Децата и семејството ќе бидат нашиот врвен приоритет. Ќе ставиме крај на масовното иселување, на пренатрупаните градинки и руинираните училишта. Промените се случуваат, Македонија ќе биде посакувано место за живеење”.