Груевски шетал низ центар и евоцирал спомени колку многу придонел за да се игра Супер Куп во Скопје

 

,,Вчеравечер откако му се заблагодарив на претседателот на УЕФА и неговите соработници за укажаната чест на нашата држава и главен град, испешачив низ центарот на градот. Десетици илјади туристи, навивачи се забавуваат, уживаат во прошетките, се фотографираат пред секој атрактивен објект, пејат, играат, се веселат, а со нив и илјадници наши сограѓани го прават истото. Освен од Шпанија и Англија, сретнав луѓе од многу земји, од Малезија и Кувајт, од Србија и Австрија, Данска, Шведска, Белгија,Турција, Сингапур и од каде ли уште не“-пишува воодушевено на својот ФБ профил Никола Груевски од позиција -лидер на опозициската ВМРО ДПМНЕ.

,,Се сеќавам многумина не веруваа, имаше и такви кои оспоруваа, плукаа и кочеа, но еве дојде денот кога покажавме дека можеме и умееме, Скопје е домаќин на врвен спортски настан, фудбалскиот супер куп со кој Македонија е на светската спортска карта. Според правилата на УЕФА, Владата која ја предводев заедно со ФФМ официјално поднесовме кандидатура, заедно лобиравме и убедувавме, заедно ветивме дека ќе се исполнат сите услови и заедно ги исполнивме.

Националната арена Филип втори македонски која пред една деценија беше половичен фудбалски стадион само со јужна трибина, денес, наспроти скептиците и политичарите кои го убедуваа народот дека ќе се сруши и новите трибини ќе паднат, е дооформен и целосно компатибилен атрактивен конкурентен и модерен спортски комплекс кој ќе биде домаќин на големото фудбалско доживување. Истовремено Скопје и Република Македонија се домаќини на повеќе десетици илијади фудбалски обожаватели од најразлични држави од целиот свет. Денес и Скопје има со што да се пофали и по што да се запомни. Модернизиран аеродром кој ги следи најсовремените трендови и е еден од најдобрите во рангот во кој припаѓа, како и градбите и знаменитостите кои ги обележуваат главниот град и кои Скопје го вбројуваат на туристичките мапи. Ќе потсетам дека само пред една деценија Скопје беше град без големи впечатоци, атрактивни и препознатливи градби, со неколку исклучоци главно останати од минатите векови, Скопје беше град на сивило, без репрезентативен фудбалски стадион, со застарен многу мал и неугледен аеродром и со угледни хотели кои може да се избројат на само една рака.

Сето она што го направивме во изминатата деценија, со политиките кои ги водевме беше предмет на огромни напади кон нас, манипулации, хајки и лаги од страна на политичките опоненти, и тоа исклучиво поради политички причини, целосно запоставувајќи ја и потценувајќи ја употребата и трајната вредност на градбите. Се што е направено останува за граѓаните и полека но сигурно се демаскираат сите лаги кои беа пласирани. Тој тренд за жал не го заобиколи ни самиот Супер куп, кога се обидоа да прикажат дека доволно не е подготвен стадионот и се доведува до прашање неговото оддржување, што повторно и тоа мошне брзо се покажа за неточно, откако неколку дена потоа УЕФА го лансираше рекламниот спот за Супер купот во Скопје и стави крај на политичките интриги и лаги на нашите опоненти кои се уште се во транс и восхит сами на себе што ги направија Влада и покрај немањето доволно поддршка од народот. Како што се разобличи оваа лага за стадионот ќе се демаскираат и сите останати. Останува да се памети изграденото, создаденото и реализираното, а единствено по што граѓаните мерат, оценуваат и вреднуваат се проектите, делата, решавањето на проблемите, реформите и работата. Се друго е политичка магла која како ќе паѓа, така ќе останува јасната слика на делата и резултатите.

Скопје и Македонија денеска живеат за спортот, граѓаните се забавуваат, а очите се вперени во ова врвно фудбалско доживување чиј домаќин е Македонија. Си заминав дома со мислата колку би било убаво секоја наредна влада по нас да се потруди да изгради и создаде повеќе од нас, поубаво од нас, повпечатливо и покорисно истовремено, наместо како сегашната, да неправи ништо и целата енергија да ја впери во девалвирање на она што нивните опоненти го направиле, и во кочење на крупните проекти кои сме ги започнале, а прекинот на мандатот не ни овозможи да ги довршиме. Како Клиничкиот центар на пример, кои нашите опоненти никогаш нема да го изградат на другата локација која ја најавија за што сум подготвен за јавна опклада за било кој, или пак запирањето на градба на двата автопата со измислени проблеми за си дадат важност дека ете и тие нешто решиле и сработиле, а всушност ќе решат работи кои секогаш се решаваат во од, додека тече градбата, без застој, без јавноста да се заморува со таквите секојдневни решливи прашања за било која нормална влада. Или пак свесното забавување на патот кон Грција кој е завршен и целосно асфалтиран уште во мај, остана само довршување на сигнализиацијата која наместо за еден месец ќе се прави 6 месеци или повеќе. За да изгледа дека тие нешто сработиле. Како и да е, за Скопје и Македонија, за арената Филип втори македонски денес се говори во речиси сите земји во светот, бесплатна реклама и промоција каква што во минатото не можевме да замислиме.

И на крајот честитки за сите оние кои многу работеа за да се случи овој Супер куп. Почнувајќи од претседателот на ФФМ Илчо Ѓеоргиевски и неговиот тим, министрите за транспорт Миле Јанакиевски и Владо Мисајловски и нивните тимови, министерката за култура Елизабета Канческа и нејзиниот тим, како и раководната структура на МНТ и Музејот на македонската борба, директорот на ПУИК Цветко Грозданов и неговиот тим врз кои беа поголем дел од обврските и роковите, градоначалникот на Скопје Коце Тајановски и неговиот тим, но и мојот тим во кабинетот на Владата, а особено Славе Веловски и Дејан Герасимовски кои на дневна основа макотрпно работеа на овој проект“-пишува Груевски во политичката порака , а по повод фудбалскиот натпревар меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.