Околу 200 мигранти кои се наоѓаат пред грчката граница и во сендвич меѓу турската и грчката полиција, синоќа се обиделе насилно да ја преминат границата кај преминот Кастењас, објавија грчките медиуми.

Како што информираше Алџезира Балканс, мигрантите предизвикале пожари на повеќе места, па освен полицијата, морале да интервенираат и пожарникарите.

Грчката полиција ги растерала со водени топови и солзавец, а на тоа одговорила турската полиција со серија чадни бомби и солзавци испукани на грчка територија.

Турција испрати 1.000 специјалци како поддршка на мигрантите кои претходно ги транспортираше на грчка граница. Не им дозволува враќање назад, а на секој солзавец кон мигрантите, одговара со исто ,,оружје“ кон грчката полиција.

Оваа апсурдна ситуација и ,,војна“ се одвива неколку дена, откако Турција поради руските воздушни напади во покраината Идлиб во Сирија во кои загинаа 33 турски војници, реши да ѝ се одмазди на Европа.

Ердоган и Путин постигнаа договор за еднонеделно примирје, но Турција продолжува со политиката на притисок и одмазда кон европските земји, користејќи ги мигрантите како топовско месо.

Нејасно е што бара Ердоган од Европа и до кога мисли да ги злоупотребува мигрантите и да ги дезинформира дека границите се отворени.

ЕУ ќе ги брани своите граници на секој можен начин и нема да дозволи нов бран мигранти, како оној во 2015, објавија министрите за надворешни работи на неколку земји кои имаа состанок вчера во Загреб.

АКО.мк

Извор: Алџезира Балканс, агенции