Грчка атлетичарка „падна“ на допинг-тест

На Хрисопија Девеци ќе и биде одземен бронзениот медал која го освои во трискок на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година, поради допинг.

Во денешното соопштение на Меѓународната атлетска федерација (IAAF) се наведува дека резултатите на грчката атлетичарка, земени на Светкото првенство во 2007 година, на повторените тестирања биле позитивни на забранетата супстанца-станозолол.

Поради тоа таа ќе биде ретроактивно суспендирана на две години, од август 2007 до август 2009, што значи дека ќе и бидат одземени двете бронзени медали од Светското првенство 2007 и Игрите во Пекинг една година подоцна.

Како што се наведува во соопштението, сребрениот медал освоен на Игрите во 2004 година нема да и биде одземен.

Девеци е, исто така, суспендирана на четири години, но таа казна нема никаков ефект, затоа што атлетичарката ја заврши кариерата во 2009 година поради суспензија која ја доби затоа што одби да оди на допинг-тест.