,,ГСОЛ/Еуроникел“ го достави ревидираниот план за реорганизација на ФЕНИ Индустри

 

,,ГСОЛ/Еуроникел“, инвеститор во комбинатот за никел Фени Индустри, го дополни планот за реорганизација на компанијата, како што бараше Апелација и го достави на повторно разгледување.

Планот,според ,,Еуроникел/Џисо“л добил позитивни препораки од одборот на доверители на ФЕНИ АД во стечај како и од стечајниот управник, и како што велат тие, сѐ било направено според законските барања за побрзо завршување на стечајната постапка и започнување на процесот за нови инвестици во фабриката.

Од ,,Џисол“ велат дека сториле сѐ што е потребно за нормална работа на Фени и дека нема простор за непотребно трошење време . Очекуваат собранието на доверители повторно да гласа за планот за реорганизација.

– Ги преземаме сите неопходни чекори од наша страна, така што собранието на доверители повторно ќе гласа за планот за реорганизација.Спасот на ФЕНИ го насочуваме кон извесна иднина исполнета со проширување на производството, зголемување на платите на вработените, отворање нови вработувања и работа на ФЕНИ на сите светски пазари за фероникел. Сето тоа го правиме потпирајќи се на големото искуство што го имаме во оваа индустрија, почитувањето на највисоките меѓународни стандарди, како принципи на работа и предуслови во сите инвестициски зафати. Ги следевме сите потенцирани насоки во текот на стечајната постапка. Извесно е дека ФЕНИ не смее веќе да губи време на нерешен статус, факт е дека 800 вработени чекаат на трајно вработување и добивање на ветените плати, како и 200 компании од регионот со кои ФЕНИ работи, а сето тоа ќе почне да се исполнува оној момент кога планот ќе биде прифатен и ќе може да започне инвестицискиот процес“, изјави Маркос Камхис, директор на ГСОЛ.

Инаку,уште во јуни беше прифатен планот од Одборот, а подоцна и усвоен од Собранието на доверители. За тоа време беше вратен за одредени технички корекции, и сега повторно е доставен до судот, по што се чека конечната судска одлука.

Од Одборот на доверители сметаат дека ова е позитивен план, кој ветува резултати и веруваат дека и надлежните органи како и судските власти ќе го препознаат тоа .

– Планот понуди квалитетно решение и сигурен пат за ФЕНИ, затоа го дадовме нашето одобрување. Веруваме дека и надлежните органи како и судските власти ќе ги препознаат придобивките што ги носи спроведувањето на овој план пред сѐ за самата фабрика, за вработените, целиот кавадаречки регион и за доверителите. Исто така, земајќи ја предвид големината и потенцијалите на ФЕНИ, не треба да се занемари влијанието што ФЕНИ го има во економските показатели на државата, во создавањето на БДП и извозната стапка“, велат од Одборот на доверители.

Пред некој ден Апелација од ,,Џисол/Еуроникел“ како инвеститор во кавадаречки Фени,  побара неколку појаснувања во планот за реорганизација, а кој ќе се спроведува во најкус рок во оваа фабрика.

Билјана Тошевски