Гуњовци во новинарството

 

Кога човек има повеќе професионално искуство повеќе отколку  години државата во која што живее, тогаш си дава право да ја кара, критикува, тегне за уши како да се работи за помало дете или некој помлад што го гледате како расте. И многу помалку да ја фалите, посебно ако сте новинар, бидејќи во светот е невообичаено тие да фалат. По природата на својата работа  мора да се дежурни критичари, а не слепи поддржувачи на некоја власт. И, ние велиме,  тоа што не е критикувано, некако се подразбира дека е добро. Но, ова важи само за новинари, и затоа нивната одговорност и тежина за секој испишан збор, се уште поголеми…

По сите премрежиња што ги преживуваме знаеме често да кажеме – е, од ова не може да биде полошо! И ќе се гризнеме за јазикот. Можело.

Новинарството, професија на која што и посветив 30 години од мојот живот, ги живее своите најтешки години. Не се моменти, години. Се разбира, тоа новинарите најмногу го чувствуваат по својот грб , бидејќи  оваа владејачка гарнитура, како никоја досега,  ги понижи, обезвредни и како авторитети и според платеното за трудот, но и ги потцени. Тука, секако не зборувам за платениците кои ја узурпираа професијата.

Не се сите гуњовци во новинарството, па да се најдат онака, како гром од ведро небо во Алејата на заслужните на страниците на Македонска енциклопедија, која ќе предизвикаше нов меѓуетнички судир меѓу Македонците и незадоволните Албанци од нивниот третман во ,,абортираното чедо” на  МАНУ. Не знам за многумина како ја заслужиле таа чест, но се сеќавам дека кога ја објавија енциклопедијата во 2009, со голема зачуденост се зборуваше дека една пејачка со презиме од насловот, своето место во ,,светата” книга го заслужила затоа што три дена им пеела на академците во хотел лоциран на падините на една зимска убавица.

Зошто оваа стара, веќе подзаборавена приказна токму во овие моменти ми дојде на умот? И да не е целосно вистинита, таа е парадигма, модел за успех во Македонија. Не само да му пеете и оро ке треба да им заиграте и тоа пиперевка на тие што одлучуваат , за да ве биде или барем за да опстанете.

Но, не знаеме сите да играме, а уште помалку да пееме. Посебно на туѓи ноти. Претпочитаме нотите сами да си ги пишуваме. Мораме првин да го вратиме виолинскиот клуч на новинарството таму каде што му е местото. Каде што беше. Меѓу новинарите. Оние вистинските. Затоа, да се преброиме. Не има. Да им кажеме НЕ на политичките диригенти и да им покажеме каде им е местото и да си го вратиме нашето. Нашето беше веќе одработено и заслужено!

АКО.мк