Давутоглу: Вашата иднина е во НАТО

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со поранешниот премиер на Република Турција и актуелен пратеник, Ахмет Давутоглу.

Поранешниот турски премиер и актуелен пратеник Давутоглу му честиташе на премиерот Заев за стапувањето на должноста претседател на Владата на Република Македонија и за неговата, како што рече, “Рационалност за изнаоѓање мирно и стабилно решение за политичката криза“, што резултираше со формирањето на новата реформска Влада.

– Владата на Република Македонија е определена кон реформски процес значаен за квалитетен живот на граѓаните на Република Македонија, како и за интеграциите на Македонија во ЕУ и во НАТО. Градиме политики на доверба во нашата држава, како и пријателства со соседите и на меѓународен план и очекуваме дека со сериозноста со којашто придонесуваме во демократските процеси во Македонија и пошироко, ги отвораме вратите на Македонија кон ЕУ и НАТО“, рече премиерот Заев.

 

 

На средбата заеднички беше констатирано дека членството на Република Македонија во НАТО ќе значи дополнителна стабилност на државата и отворање можности за инвеститорите, што ќе придонесе кон зголемување на стандардот на граѓаните и за раст на економијата во Македонија.

Се разговараше и за зголемениот интерес на турски бизнисмени за инвестирање во Македонија.

“Република Македонија веќе е успешна приказна, бидејќи прогресот е видлив, државата е клучен фактор за стабилноста на Балканот и продолжете да работите со енергичната посветеност на реформите, вашата иднина е во НАТО“, порача поранешниот премиер на Република Турција и актуелен пратеник, Давутоглу.

Премиерот Заев рече дека пријателството помеѓу Република Македонија и Република Турција ќе продолжи да се развива низ демократски дух во економијата и во сите области значајни за граѓаните на двете земји.