Дадилката што тепаше дете во игротека е уапсена и притворена

Видеото што го објави ,,Дежаву“, на кое се гледа како во нивната игротека во населбата Аеродром жена тепа и малтретира мало дете, ја шокираше мајката на трите деца која ѝ ги доверила на чување на дадилка.

Дадилката без никаква причина го тепа најмалото од децата, а потоа брутално го фрла на столицата спроти неа.

Како што објави порталот Либертас, мајката на децата дознала за шокантниот настан од медиумите.

Таа потоа отишла во ресторанот каде е снимена немилата сцена и им кажала дека се работи за нејзините три деца. Ангажирала дадилка додека таа била на работа, а нејзиниот сопруг е во странство.

ТВ Алфа објави дека, дадилката е уапсена и ѝ е одреден 30 дневен притвор.

Дадилката дошла во игротеката на кафулето со три дечиња, веројатно братчиња, а на видео снимката, објавена на фан страницата на „Дежа ву“ на „Фејсбук“, се гледа како во еден момент жената со влечење седнува едно од дечињата во скут, брутално му ја затвора устата со рака за да не плаче, па го врти и му удира шлаканици, по што грубо го седнува спроти неа.

Тука видеото се прекинува, па нејасно е дали ваквиот однос продолжува. ПР менаџерот на кафулето Зоран Василевски за Алфа вели дека на останатиот дел од снимката од безбедносните камери се гледа како истата жена го удира детето и од столиците и од подот. Тие засега не се јавно достапни, но од игротеката ги доставиле во полицијата откако го пријавиле инцидентот.