Дали Панчевски го опструира изборниот процес?

 

Согласно Изборниот законик, кандидатите за пратеници до Државната изборна комисија треба да поднесат Уверение од кривичната евиденција дека не се правосилно осудени на казна затвор од најмалку 6 месеци.

На кандидатите од листите на СДСМ кои денеска поднесоа барање за издавање на Уверение за неосудуваност од Основниот суд Скопје 1 Скопје им е закажано подигнување на Уверенијата на 15ти ноември 2016-та година.

Рокот за поднесување на кандидатските листи е до 11 ноември 2016-та.

Ваквото однесување на Претседателот на Основниот суд Скопје 1 Скопје, Владимир Панчевски, е класичен пример за злоупотреба на службената положба и води кон уривање на Изборниот процес, сметаат од СДСМ.

Искуството од претходните избори покажува дека овие потврди се издаваат во истиот ден на поднесувањето, и тоа во рок од еден час.

За овој проблем,  од страна на СДСМ  се известени Државната изборна комисија и Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија.

Претходно Основен суд Скопје 1 издаде две соопштенија со кои укажува на условите и потребното време за издавање вакви уверенија.

,,Основниот суд Скопје 1 – Скопје ги известува сите граѓани дека, заради предвремените парламентарни избори во Р.Македонија и приливот на поднесени барање за издавање на Уверенија од Казнена и Кривична евиденција , истите ќе се издаваат во рок од 5 до 7 дена, зависно од обемот на работа.

Затоа уште еднаш им укажуваме на сите граѓани кои имаат потреба од Уверение од Казнена или Кривична евиденција, без разлика за која намена им е потребно , навреме да го поденсат барањето во Кривичниот суд во Скопје и воедно напоменуваме дека конкретните уверенија, согласно Законските одредби,  се поднесуваат и се издаваат од страна  на надлежен суд, според место на раѓање, а не според место на живеење,,.