Да живее Пенкалото

Пишува: проф.д-р Катерина Тодороска

 

Денес е тежок ден. За нас, кои имаме непополнлива празнина во душата.

Ама, обврските ве газат и не ве прашуваат колку ви треба простор за вас, за средба со самите себе. И така, сакајќи да напишам еден текст во врска со моменталниве политички егзибиции во Собранието на Р.М., наидов на еден мој, одамна напишан текст кој помислив дека е соодветен за денес. Тоа е еден од текстовите кои ги пишувам за душа, кои не ги објавувам додека не ги „надраснам“. Насловот е ист, а и содржината иста како што е напишана во 2016 година, иако денес би го наѕидала со уште многу примери за измами, корупција, злодела, осиромашување на народот.

Да живее пенкалото.

Интегрален текст.

Непосредно после смртта на малата Тамара, отидов во Велес на собирот во нејзин спомен што се одржа во паркот. Горчината што ја насобрав тој ден ја истурив врз еден пријател кој исклучително добро го знае и правото и животот. Бев гневна, бесна, лута, огорчена. И до ден денешен го прекорувам Блаже Конески што не смислил еден збирен збор за овие чувства, та морам да должам и ширам.

Разговорот беше тежок, мачен, болен, ама поучен. За да одиме по редот на нештата ќе кажам дека објаснувањето од мојот пријател, во врска со смртта на Тамара, беше дека тоа можеме да го наречеме убиство со пенкало. Демек, ако имаме опиплив доказ за убиство како нож/рана, пиштол/куршум/рана итн. итн. Тоа е убиство. Но другово? Заклучок: убиство со пенкало не е убиство.

Потоа прашањето беше што е помала, а што поголема кражба: онаа на милиони финансиски средства од народот (не зборувавме за валути) или векна леб т.е. 150 кебапи? Повторно одговорот беше дека првото би било кривично дело доколку се докаже, а бидејќи е направено со потпис т.е. пенкало, има долготрајни процедури, па преплет на црева (читај чиновници), било многу тешко да се докаже дали, под кои услови, зошто итн итн. А во вториот случај имате директна и дрска кражба со последици. Односно, на лице место е фатен крадецот со украдената стока, а последицата е оштетениот продавач. Заклучок: крадење со пенкало не е крадење.

И повторно се враќам по една година на овој муабет иако безброј пати сум го прераскажала на мои блиски пријатели. За среќа, малку се, оти само малкумина  последниве 5 години ми останаа во ситото.

Пак почнувам со Тамара, бидејќи мојата психа не успева да најде одговори на безброј прашања.

Еве, на пример, како некој може мирно да се спие после смрт на дете на кое сте можеле да му помогнете? Не сте можеле, сте морале бидејќи вие само ги распределувате парите на народот. Оној народ кој вам ви дал право домаќински да ги трошите државните, неговите пари според потребите. Инаку, чуму сте ни вие?

Како може човек да глуми недоветност после убиство на момче?

Дали е мерлива и колкава е болката на луѓето што ги изгубиле најмилите поради психосоматски заболувања предизвикани од „стечај“, затворени фабрики, затворени дуќани, драконски казни?

Како се мерат солзите на блиските кога, не само психички, туку и физички се требат луѓето поради нечија комоција во премилата им фотелја?

Како да им објасните на сирачињата зошто нивните мајки ги оставиле во моментот кој требало да биде најголема радост?

Како, како, како?

Кога прашањата ви навираат едно по друго, кога прашањата ги користите наместо одговор, на поставеното зошто немајќи затоа прашањата се надоврзуваат, се мултуплицираат.

На чуден ден, на 29 февруари 2016 година почина мојот колега Димитар Димулков. Чекаше пензија, ама не дочека. Тој беше еден од оние кои имаа проблеми со здравјето, ама и проблеми со пенкалото. Тој беше ист како и илјадниците други кои чекаа добар збор, а наидуваа на ѕид. Ни ѕирка, ни проѕирка. Само една рана, голема, отворена, нерешена, на која се додава сол. И оние со пенкалото ја мешаат, ја мешаат, ја мешаат. Колку да боли повеќе од што треба, оти ним им е пенкалото в рака.

Тој беше ист како и оние што протестираат пред Влада, пред Собрание, пред работни организации. Тој беше само еден од многумината.

А не треба многу труд за да ги видите намуртените лица кои катадневно ги пресретнувате, за да ја чуете болната тишина по парковите, немаштијата во џебот, пелинот во душата, траорноста на телото. Човек се прашува колку ли гимнастика на мозокот е потребна за да се погледне дека градинките и училиштата се празнат? Младите неповратно заминуваат. Бела смрт. Трагедија до трагедија, крунисани со „доброволен егзодус“. Јас тоа би го нарекла свирепо убиство на државата, ама не било така. Некој со пенкало ја пропишува иднината на ова парче земја, а убиството со пенкало не е убиство. Исто како што не се криминал сите криминали направени со потпис.

Народот неповратно се треби. Да живее пенкалото.