Да живее цистерната на Комуналец

Пишува: Емилија Лазаревска

 

Што е вест? Оваа дебата ја започнавме на ФБ профил на моја пријателка, но сега ќе ја преселам овде, за да не узурпирам туѓ простор. Имено, некои колеги новинари сметаат дека веста за цистерните кои измиле дел од улиците, не е вест. И делумно се во право. Но, ако ова го тврдеа во социјалистичката ера на оваа земја, кога миењето улици со цистерни и шмркови, беа секојдневие, а не инцидент.

Веста дека цистерните измиле дел,(ја пренесе Нова Македонија) но само дел, од улиците во градот, и тоа мал дел, е ВЕСТ. И тоа треба да биде или главна вест или вест во низа, сѐ додека престане да биде вест. А знаете кога ќе престане да биде вест? Кога улиците ќе се мијат секојдневно од напластената прашина и издувни гасови, кои вие, драги колеги и граѓани, што мислите дека не е вест, и другите кои ме повикуваат да известам како готват ручек дома, ги дишете, вашите бели дробови се црни, а чевлите кога ќе се вратите од нечистиот град, ви се со прашина како да сте се вратиле од нива после длабоко орање и копање.

Ако не знаете што е вест, тогаш запрашајте се како граѓанин(и), од која вест лично имате поголема корист, од таа дека премиерот Заев со мотор отишол на релаксација во Крушево, или од оваа , дека цистерните на ,,Комунална..“, конечно , делумно, ви ги измиле улиците, за да не ја дишете прашината, која ете, патем и дома ја внесувате.

За жал, веста за цистерната, ви служи за подбивање, а веста за моторџиската приказна на премиерот, со сласт и уживање ја читате, и обратно , противниците се живо му стераа по список, затоа што бил раскалаштен, де ова , де она…И немам дилема дека читателската публика повеќе се пали на мотори отколку на цистерни, но затоа ќе живее во ѓубре, диви депонии, плуканици, гомненици…и ќе се потсмева со вестите за исчистената прашина.

Сѐ додека аудиториумот се пали на дебатните емисии , во кои со години, некои самонаречени аналитичари ламентираат над нашите судбини, а ниту еден промил со тоа губење време не ви го подобриле животот, и утре пак, и пак…веста за цистерната и измиената улица нема да биде вест. За многумина, но за некои да.

Јас пак, секој ден ќе потсетувам дека нема основна култура, дека секаде се фрла ѓубре, дека никој за тоа не одговара и никој не презема ништо, дека кога патувам низ Македонија , очите ме болат од избербатеност, дека е срамота странците да ни го собираат ѓубрето и дека вас уво не ве боли за тоа.

Сѐ додека не се разбере дека секој има своја општествена улога, градоначалниците да исчистат , граѓаните да не валкаат, цистерната и измиената улица треба да бидат вест.

Да живеат цистерната на Комуналец и странските Амбасадори!

АКО.мк