Да не се заборави!

 

 

Ужасно ги мразам сеќавањата на 24-ти декември  2012-та.Црниот понеделник.Мразам да гледам и емисии кои ме потсетуваат на тој датум.Четири години се обидувам да ги заборавам ужасните сцени на насилство, вознемиреност, врисокот на мажите и на жените од болка. Се будам во сон со врисокот на Весна,со офкањето и превиткувањето на Биле. Нивното носење на раце до болничките возила.

Се сеќавам  на падот на Митре, и како јас и Ленче истуравме сок врз неговата глава(зашто друго немавме при рака) за да го освежиме, пред да го изнесат на раце .Се сеќавам на ударот во десниот бубрег и чувството на парализираност во грбот, кое подоцна ми се прошири на нозете.

Се сеќавам на ликот на новинарката која ме пресретна по пат и  ме праша дали ми треба помош и на тоа како влечејќи се по скали,ме пресретнаа Јани и Сафет. Држејќи ме под раце ме однесоа горе. Болката во грбот се зголемуваше. Ме пратија во амбуланта. Притисок 170/100. Ми ставија нешто, ми рекоа да мирувам.

На другиот кревет Митре примаше инфузија. Повторно мерење на притисокот. Нема промени. Висок…..Се сеќавам  Митре ја извади инфузијата од рака и избега, за да биде со останатите кои излегоа со толпата надвор.

Мене ми ја заклучија вратата. Додека ми излегуваа светулки од очите од високиот притисок(никогаш претходно не сум имала), мислев на телефонот кој ми остана долу, во торбата пред собраниска сала. Знаев дека моите од дома вртат, се грижат, знаев дека детето ми е загрижено…..а не ги чувствував нозете, за да станам.

Помина време…и не знаев што се случува ни внатре, ни надвор. Каде се колегите? Дали има кој да ми помогне? Притисокот 150/90. Нозете почнував да ги чувствувам. Лекарот вели-јавете се дома да дојдат по вас, немојте сама. Ми даде лента Енаприл(за секој случај). Станав од креветот со тетеравање и се упатив сама кон ходникот ,  каде ми беше оставена ташната со телефонот. Пред влезот во ходникот ,коридор набилдани. Побарав дозвола да влезам,не ми дозволија, туку ме прашаа како изгледа ташната.

Ја најдоа и ми ја истурија пред нозе. Се наведнав и покрај силната вртоглавица си ги собрав работите, проследено со силно смеење од екипата обезбедување.

Излегов од Собранието со силна желба никогаш да не влезам повеќе таму. Ден потоа сите колеги без исклучок и без ниту еден приговор од било кој од нас, поднесовме оставка. Се вративме, не по сопствена желба, туку по налог на партиско раководство , иако никогаш  никој од нас таму  веќе не се чувствуваше  ни комотно, ни сигурно, ни безбедно.

2014-та  повторно се најдов на листа.Можеби се сеќавате, а можеби и не, но одбив.

Ви реков од лични причини – ОДБИВАМ. Одбив затоа што  чувствував здравствени последици  од 24-ти декември, но и со надеж дека достоинството што го изгубив во Собрание , никогаш  повеќе нема да го барам на местото на злосторството.

Можеби некој го простил  „Најцрниот понеделник “, ама јас НЕ. Бубрегот секојдневно ме потсетува! И на крај , ајде ќе го заборавиме и мојот бубрег(провинцијалски и безначаен), ама мора, МОРА да паметиме дека на тој ден беше убиена Македонија……

 

Дивна Јовковска Ефтимовска

поранешен пратеник од СДСМ исфрлена насилно од Собрание

(сеќавање на Црниот понеделник 24 декември 2012 година)