Да се испочитуваат обврските за фер избори

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателката Радмила Шекеринска и генералниот секретар Оливер Спасовски, денеска се сретна со комесарот за проширување на Европската унија, Јоханес Хан , придружуван од шефот на делегацијата на ЕУ во Р.Македонија, Самуел Жбогар.

Изразена е заедничка согласност дека е неопходно сите политички партии и институции, вклучувајќи го и Собранието на Р.Македонија, да ја испочитуваат обврската за слободни фер и регуларни избори на 11 декември.

%d0%b7%d0%b0%d0%b5%d0%b2-%d1%85%d0%b0%d0%bd-%d1%81%d1%80%d0%b5%d0%b4%d0%b1%d0%b0-14-10-2016-%d1%81%d0%bb%d0%b8%d0%ba%d0%b0-1

На средбата се разговараше за актуелната политичка ситуација во Македонија при што е нагласена потребата од реализација на сите договорени услови за организирање и спроведување на договорените предвремени парламентарни избори, овозможување функционирање на правдата, како и за важните реформски процеси за демократизација на Македонија.

– Претставниците на СДСМ во техничката Влада се фокусирани кон заштита на граѓаните и институциите од злоупотреби и на одржување регуларни избори на 11 декември на коишто ќе биде избрана легитимна Влада. Истовремено, Социјалдемократскиот сојуз активно разговара на теренот со граѓаните за мерките што ќе ги преземе новата Влада за подобрување на животот на граѓаните и отворање на перспективите на државата, рече претседателот Заев.

Претседателот Заев објасни дека СДСМ со одлука на највисокото партиско тело, Конгресот, се обврза на планови со конкретни рокови за кревање на животниот стандард на граѓаните, како и за реализација на препораките во Извештајот на Прибе, што ќе овозможат независни институции и правна држава.

На средбата со еврокомесарот Хан, претседателот Заев ја реафирмираше поддршката на СДСМ за законите побарани од Специјалното јавно обвинителство.

Еврокомесарот Хан порача дека Европската унија продолжува одблиску да ги следи состојбите во Република Македонија.