Двајца руски комичари му се претставиле на Заев како Столтенберг и Порошенко и разговарале еден час на телефон(аудио)

Руските комичари Вован ( Владимир Кузнецов) и Лексус (Алексеј Столаров), објавија аудио снимка од телефонски разговори направени минатата година во август и оваа година во април со премиерот на Македонија , Зоран Заев .

Тие се претставиле како тогашниот претседател на Украина, Пјотр Порошенко, а подоцна во разговорот го ,,вклучиле“ и Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

На крајот од аудио снимката е ,,понудена помош“ од Порошенко да посредува за МПЦ кај вселенскиот патријарх Вартоломеј.

Заев ниту во еден момент не се сомнева дека не се вистинските личности за кои се претставиле комичарите и обилно ги известува за успесите на неговата надворешна политика, Преспанскиот договор, но и за односите со Русија, проблемот со Косово, односите Србија-Косово, и пошироко за проблемот на Украина со Крим и друго.

Исто така, Заев во детали ги информира комичарите или пранкстери како што се нарекуваат ваквиот вид ,,шегобијци“, за претстојниот референдум и за тоа кои земји во светот ја поддржуваат Македонија, а кои не.

Се работи всушност за три засебни разговори на кои наседнал македонскиот премиер, а во еден од нив еден од пранкстерите му раскажува на Заев како украинските научници ја откриле генетската врска на Порошенко со Александар Македонски, па сега затоа тој може да се нарекува и Петро Македонски.

На оваа несолена шега Заев одговара дека читал за тоа и историјата може сите да не спојува, а не да не дели.

Заев не сфаќа дека е предмет на лажно претставување дури и кога еден од двајцата комичари што го глуми Порошенко му вели дека му платил 100.000 евра на Вартоломеј за да се придвижи признавањето на МПЦ, на што Заев по двоумењето сепак вели дека тоа би било одлично.

Интересно е што Заев не е единствен политичар во светот што наседнал на двајцата шегобијци.

Тие успеале да разговараат во име на некој политичар со Ердоган, Макрон, Борис Џонсон и други, но Заев е единствен кој наседнал дури три пати на нивните јавувања.

Аудио снимката е објавена вчера на Јутјуб.

Аудио снимката ја реобјавија водечките руски медиуми.

Двајцата руски комичари досега на ист начин ги ,,извозеле“ и украинскиот претседател Порошенко, Генералниот секретар на ОБСЕ , локални политичари и други јавни личности.