Два нови наслова од прашките ракописи на Ристо Лазаров

,,Везилка 2011” објави два нови наслова во едицијата ,,Прашки ракописи” чиј автор е Ристо Лазаров. Првиот, насловен ,,Процесот на Слански и други чешки судбини” е посветен на познатиот процес против Рудолф Слански, секретар на Комунистичката партија на Чехословачка и уште на дванаесетмина високи функционери, речиси сите Евреи, кои во декември 1952 година, во сталинистичка чистка експресно се осудени на смрт со стрелање. Слански прв се појавил пред судот, обвинет, како и другите, за титоизам. Ги признал сите точки на обвинението: за шпионажата, за богатството, дека саботира и дека откривал воени тајни. Неговото појавување пред суд било крајна самодисциплина какба што не е видена во историјата на чешката правда. И не само чешката. Накусо, ракописот го зафаќа сталинистичкиот период во Чешка, вклучувајќи го и подигањето и уривањето на огромниот споменик на Сталин во Прага.

,,Храбал – тажниот крал на чешката книжевност”, пак е кус животопис на Бохумил Храбал, познат раскажувач, романсиер и сценарист за кого Милан Кундера вели дека е најголем чешки писател. Прочуениот автор на сценаријата за филмовите ,,Песот кој лаеше на возовите” и ,,Го служев англискиот крал”, како и на многу други романи и раскази, за себеси вели: ,,За мене постојат две сакрални фигури: Хашек и Кафка. Хашековата е исткаена од народен хумор и шеги, а Кафкината – таа тоа го промислува интелектуално, има повеќе набој од тој вид. Место кое е невозможно да се заобиколи кога се говори за Храбал е пивницата ,,Златен тигар” во која Храбал беше како дома и наместо во некоја од старите чешки палати инсистираше да му беше домаќин на американскиот претседател Клинтон, кој веројатно не се покаја што ја прифати таквата покана.