Две нови истраги на СЈО

Во четврток 20-ти октомври, во 11 часот во своето седиште Специјалното јавно обвинителство ќе одржи прес конференција.

Како што дознава Актуелно, обвинителките Ленче Ристовска и Фатиме Фетаи заедно со Специјалната обвинителка Катица Јанева ќе информираат за две нови истраги.

Специјалното обвинителство води повеќе истраги произлезени од прислушуваните разговори, а покренати се две обвиненија.

Едното обвинение е против седум лица за уништување на доказен материјал за неовластеното следење на комуникации, а другото за поттикнување насилство со протестите пред општина Центар и за тоа Никола Груевски е првообвинет.

Досега има шест предмети во истрага и тоа случаите Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Трезор и Тврдина.

СЈО до 15-ти септември има поведено 38 предистражни постапки сите произлезени од материјалите што ги достави опозицијата од прислушуваните разговори на повеќе од 20 илјади граѓани. 16 од истражните постапки се водат за разговори кои беа објавени во јавноста, а 22 од необјавени разговори.

Прислушувањето е вршено во службите на МВР во време кога Сашо Мијалков беше прв човек на УБК.