Двојните аршини на Груевски и на ВМРО ДПМНЕ

 

Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ исто како што имаат свој народ во Македонија, кој им е мил бидејќи гласале за нив, и оние другите кои не гласале за нив или не ги поддржуваат, па согласно тоа се платени и предавници, имаат и странци кои смеат да се мешаат во внатрешните работи на земјата и оние што не смеат, бидејќи не се по нивниот ќеиф.

Шефот на австриското МНР Себастијан Курц, министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто, потпретседателот на ЕПП во ПССЕ Тобијас Зек, претседателот на ЕПП во Советот на Европа Аксел Фишер, беа само само дел од видните европски политички имиња кои се појавија на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ ширум Македонија. Ако на ова се додаде и видео пораката испратена од Битола на првиот човек на најмоќната политичка европска партија (ЕПП) Жозеф Дол, тогаш станува јасно дека ВМРО-ДПМНЕ има силна меѓународна поддршка. Од друга страна, на митинзите на СДСМ не се појави ниту еден европски политичар – пишуваа воодушевено порталите и медиумите блиски до ВМРО ДПМНЕ.

 

.

Поддршка преку видео обраќање за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ на митингот во Велес даде и германскиот пратеник Мартин Хубер од германскиот парламент.

-Вашата земја посебно во изминатиот период и помогна многу на Европа да остане стабилна и токму поради тоа ние од Германија и Баварија ви се заблагодаруваме. Македонија и вашата Влада ги докажа европските вредности и вашите заложби се за стабилна Европа. На вашиот пат кон Европа вие нам можете многу да ни помогнете, истакна Хубер.

Хубер му посака голема победа на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и коалицијата „За подобра Македонија“-известуваат медиумите блиски до ВМРО ДПМНЕ.

 

 

 

Шефот на Унгарското МНР, Петер Сијарто дури се обрати на македонски јазик на митингот во Штип.

СДСМ целосно изолиран на митинзите-продолжуваат да ,,анализираат,, медиумите блиски до ВМРО ДПМНЕ.

Ја пренесуваат анализата на Цветин Чилиманов.

-Една чудна работа во целата кампања ми е однесувањето на СДСМ во врска со меѓународната поддршка што ја имаат (или Чадорот). Очекував дека Рада и Црпко досега барем 3-4 пати ќе одеа до Брисел на средби со нивните социјал-демократски поддржувачи, еднаш до Вашингтон, и можеби до Берлин. Место нив, Груевски ги помина Вашингтон, Берлин, Лондон, Минхен и Будимпешта, и донесе двајца капитални министри за надворешни работи да го поддржат. Јасно е дека ВМРО ќе го тепа СДСМ по сите можни прашања на изборите, но кој очекуваше дека ВМРОвците ќе победат и во поглед на поддршката од меѓународната?, напиша на социјалните мрежи новинарот Цветин Чилиманов.

„Ѕвезда во спотот е словенечката социјал-демократска евро-пратеничка Тања Фајон. Фајон доаѓа од Социјал-Демократската Партија на Словенија, и сите ние знаеме дека во Словенија на власт се социјал-демократите. Така? Не е баш така. На власт е, навистина, социјал-демократски поддржувач Миро Церар, но бидејќи Словенците толку често им се згадува од социјал-демократите, што сивата еминенција која владее со земјата Милан Кучан на секои избори мора да вади нова партија, водена од нов кобајаги свеж лик, а повремено мора и да го уапси лидерот на опозицијата, само за да остане на власт. Така пред набрзинка формираната партија на Миро Церар премиер беше Јанковиќ од Меркатор, исто така со негова партија. Доаѓаат предвремени избори, популарнота на Церар се влече по земја, така да Кучан веројатно ќе мора да каже ‘дајте друго дете’ (можеби тоа ќе биде и Фајон, која лично е релативно популарна). Но, нејзината актуелна партија во Парламентот на Слвоенија има бедни 6 пратеници. Фајон е единствената претставничка на својата партија во Европскиот Парламент. Со други зборови, она е едно големо ништо.“ -анализира Чилиманов.

Тој ред по ред ги анализира сите кои се јавија во кусото видео на СДСМ.

„ Сума сумарум, снимката со меѓународните поддржувачи на СДСМ е само добар потсетник колку у ендек е отерана социјал-демократската опција во Европа и во која жална и бедна состојба е Чадорот. Додуше, тоа се арогантни копилиња, и поразите во САД, Британија и низ цела Европа не значат дека ќе им дојде памет. Напротив, како што ги бркаш од власт на национално ниво, така се групираат во Брисел и се обидуваат да владеат преку ЕУ (или преку НВО организациите). Но, генерално веќе сите им ја знаеме финтата и овојпат нема да им пројде. Готово е лузери.“- ја пренесуваат ,,анализата,,  на Чилиманов медиуми блиски на ВМРО ДПМНЕ.

Сега, откако ВМРО ДПМНЕ не ја оствари посакуваната и ветена победа од 63 пратеници ,, за да не може да ги уценува никој,, , а со своите настапи и повици првите луѓе на партијата ја вжештуваат атмосферата, обидот на амбасадорите да придонесат кон смирување на страстите хистерично го оценуваат како ,,недозволив притисок и мешање во внатрешните односи на Македонија,,.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ со Прогласот, политички декрет на ВМРО ДПМНЕ, нешто што е невидено во демократски општества, им објави ,,војна,, на сите земји во светот кои имаат свои дипломатски претставници во нашата земја. Говорот на Груевски пред седиштето на ДИК , каде им се обрати на ,,спонтано,, собраните протестирачи донесени со автобуси, најави бојкот и на сите државни органи доколку Управен суд ја потврди одлуката на ДИК за прегласување на едно избирачко место во општина Гостивар. Груевски најави дека нема да прифати ништо друго, освен прогласена победа и власт. Во спротивно, тој најавува дека ќе тргне по стапките на некои познати недемократски лидери од балканските простори, во зависност од тоа дали ќе биде власт или не , ќе ја стави или земјата или партијата во изолација.

АКО.мк актуелно-објективно